ОЈО Кочани: Почна увидот во опожарената фабрика „Макпрогрес“ Виница

54

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по пожарот што на 6 септември вечерта избувна во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини” во Виница. Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта кои тлеат, соопшти Обвнителството.

„Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот. Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинжинер. Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот“, соопштуваат од Обвинителството.

Во официјалното соопштение на „Макпрогрес“, издадено синоќа, се вели дека во пожарот вo целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини од кои еден за суровини и еден за готови производи во нивната главна кондиторска фабрика „Винчини“ во Виница.

„’Макпрогрес’ останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата. Фабриката ‘Винчини’ ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа. На сите наши производи продажните цени ќе ги задржиме ниски и достапни за потрошувачите како и досега, а дополнително некои цени и ќе ги намалиме како би поттикнале поголема продажба. Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори и ќе дадеме сè од себе да успееме, вработените да ги работно ангажираме со цел да ги задржиме работните места“, се вели во соопштението на компанијата потпишано од сопствениците Глигор Цветанов и Александар Цветанов.

Во пожарот беа повредени 18 лица, а Министерството за здравство соопшти дека хоспитализирани се: една пожарникарка во Клиничката болница во Штип, четири пожарникари во Општата болница во Кочани, осум вработени во фабриката на Клиниката за Токсикологија во Скопје. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба.

„Макпрогрес Винчини“ со вкупно 500 вработени е најголемиот стопански објект во Oпштина Виница. Основана пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 55 држави, според вебсајтот на компанијата. Според вебсајтот на компанијата, групацијата „Макпрогрес“ е една од најголемите прехранбени компании на Балканот, со повеќе од 750 вработени. Покрај „Винчини“ уште пет популарни брендови се произведуваат во групацијата „Макпрогрес“, меѓу кои и „Сончева доолина“ за ориз, грав и пченка од Кочанско-Виничкиот Регион, „Натура“ за здрава храна, „Дониа“ од Прилеп за алва и локум и „Фантазија“ за десертни прашоци.

ИЗДВОЕНИ