ОЈО Битола покрена обвинение за инспекторот од Општина Битола, Кирил Мицевски за случајот со дивоградбата во потпелистерското село Дихово.
Од ОЈО Битола потврдија: „По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење според член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано „Трновски ливади“, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно чл.51-а од Законот за земјоделско земјиште и без одобрение за градење донесено во постапка пропишана согласно чл.59 од Законот за градење, што е поткрепено и со соодветно вештачење“, стои во соопштението од ОЈО
>На почетокот на април годинава, голема врева во Битола, особено на социјалните мрежи дигна информација што ја сподели општина Битола за утврдени незаконитости и дивоградби во Потпелистерието, селото Дихово и населбата Довлеџик во Битола. Особено следеа бура од коментари по информацијата дека една од спорните градби во селото Дихово е на вработен инспектор во Општина Битола, познат во градот, кој покрај вилата во дворот изградил и базен.
„При разгледувањето на документацијата утврдено е дека истиот има добиено решение од Министерство за земјоделие за приземен објект во основа од 66 м2 и висина до венец 2,80 м и доставен геодетски елаборат со кој е извршена легализација на објектот со приземје, кат, поткровје и мансарда. За утврдување на фактичка состојба Општината изврши нарачка повторно мерење и изработка на геодетски елаборат според кој се утврди дека објектот има приземје, кат и поткровје и висина до венец од пристапен пат од 4,60 метри, додека од терен каде е поставен објектот се утврди висина до венец 5,40 метри“, констатираа тогаш од Општината.
По објавата, раководителот на сектор во Општина Битола влезе во предистражна постапка на Основното јавно обвинителство Битола. Од ОЈО Битола за нашиот медиум соопштија дека –„по допрен глас има поведено предистражна постапка врз основа на новинарски натписи за сомнение за сторени кривични дела, за што се преземаат истражни дејствија“.
Градоначалникот Тони Коњановски во мај годинава, јавно објави дека го суспендирал од работа раководителот на сектор додека трае истражната постапка.
„Ја информирам јавноста дека против едно административно лице, вработено во општинската администрација на работна позиција раководител на сектор, е поднесена кривична пријава од страна на надлежни институции. Во согласност со важечките прописи и внатрешните процедури, донесена е одлука за привремена суспензија на лицето од работното место, додека трае постапката“, рече Коњановски и објасни дека оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација.
„Законот мора да биде еднаков за сите нас!“, рече тогаш Коњановски и најави зголемените контроли, со зголемена транспарентност и информирање на граѓаните за случаите од јавен интерес.
Неколку недели подоцна суспендираниот инспектор од Општина Битола се жалел до Агенцијата за администрација на решението на општинската администрација, но Агенцијата напротив му ја потврди суспензијата. Агенцијата за администрација, всушност го потврдила првото решение – осомничениот инспектор да не се врати на работа за да не и штети на истражната постапка.
„Административниот службеник кој е суспендиран од работа, против решението донесено од секретарот на општина Битола од 16.5.2025, поднесе приговор до Агенцијата за администрација. Комисијата за одлучување по жалби и приговори донесе одлука со која приговорот од административниот службеник се одбива како неоснован, а решението од секретарот на Општина Битола се потврдува. Во решението од секретарот наведено е дека, административниот службеник се суспендира поради покрената кривична постапка против него, а повредата е од таква природа што неговото натамошно присуство во институцијата додека трае постапката штетно ќе се одрази врз институцијата односно ќе го осуети или оневозможи утврдувањето на одговорноста.“, одговорија од Општина Битола.
Инспекторот Кирил Мицевски за медиумите изјави дека за суспензијата дознал од Фејсбук објавата на градоначалникот Коњановски.
Тој тврдеше дека –„Се работи за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште, согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, со исполнување на критериумите, нема никакви доградби или надградби над објектот. Со иста конотација за бесправно градење веќе еднаш имаше истрага од Обвинителството во 2014 година, по што не беше поднесен никаков кривичен акт“, се правдаше пред медиумите Мицевски.