Охриѓанка со „ровер“ „летала“ кон Свети Николе – наместо 50, возела 126 км/ч

229

На магистралниот пат Овче Поле – Свети Николе, при контрола во сообраќајот со радар, полициски службеници од ОВР Свети Николе завчера сопреле патничко возило „ровер“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 24-годишната А.Р. од село Елшани, охридско. Притоа е констатирано дека го управувала возилото со брзина од 126 километри на час на место каде максималната брзина е 50. Ова е само еден случај од поразителната статистика на полицијата од редовните контроли на патиштата низ земјава направени за само девет дена. Имано, во периодот од 1 до 9 декември 2025 година, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 6.151 издаден платен налог, 1.573 прекршоци се однесуваат на возачи што не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.

– Биле лишени 44 лица од слобода, за безобѕирно управување возило, согласно со член 297-а од Кривичниот законик, од кои 33 за возење под дејство на алкохол, двајца возачи за возење во забранет правец, пет лица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, а четири лица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.

Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 1.511 прекршоци за непрописно паркирање, изречени се 620 мерки за возачи што управувале возило без возачка дозвола, 39 санкции за минување на црвено светло, изречени се 32 мерки за прекршоци направени од пешаци, како и 173 санкции за возење под дејство на алкохол.

Санкционирани се и 349 учесници во сообраќајот што не користеле сигурносен појас, како и 214 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно со Законот за возила, 119 возила биле отстранети од сообраќај поради тоа што биле нерегистрирани, а 62 поради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за 28 возачи на моторни возила поради затемнети стакла, односно непрописно вградени фолии.

Сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – соопштуваат од МВР.

ИЗДВОЕНИ