Репертоарот на класична музика на „Охридско лето“ синоќа продолжи со концерт на македонскиот виолинист Емир Имеров и израелскиот пијанист Ваг Папиан. Извонредните музичари ноќта ја започнаа со „Скерцо“ од Јоханес Брамс, а ја продолжија со композицијата „Фантазија во C-dur D934“ од Франц Шуберт. Репертоарот беше заокружен со прекрасна изведба на Бетовеновата Соната бр.9 A-dur оп.47 „Кројцер“.
Емир Имеров е роден во Скопје, а живее во Германија од 1991 година. Од 2004 е концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на театарот во Крефелд-Минхенглајдбах и од 2010 на ансамблот „Европски солисти“ во Луксембург. Член е на клавирското трио „Бенџамин“ заедно со Ваг Папиан и Александар Кагановски.
– Ова е мојот трети настап на фестивалот „Охридско лето“, еднаш со виолинистот Максим Венгеров, вториот пат со нашето трио „Бенџамин“, и еве, повторно ќе свирам за одличната публика. Многу ми значи овој подиум затоа што „Охридско лето“ е еден од најреномираните фестивали во Европа и пошироко. Со колегата Папиан често настапуваме со нашето трио, но и како дуо, рече виолинистот Имеров.
Реномираниот пијанист и диригент, Ваг Папиан, во моментот е гостин-диригент во Националната опера во Ерменија и професор на академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив, а е гостин-предавач на високи музички школи во неколку европски земји. Член е на клавирското трио „Бенџамин“.