Во црквата „Св. Софија“, на 15 јули, во 21:00 часот, во рамки на програмата на „Охридско лето“ ќе се одржи вечер на ЕУ на која ќе се изведе концерт на квартетот „Модиљани“ од Франција. Ќе настапат Амари Сојто и Лоик Рио – на виолина, Лорaн Марфан – на виола и Франсоа Кифер – на виолончело. На програмата се Турина, Равел и Бетовен.
Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина и денес важи за еден од најзначајните гудачки квартети и постојано гостува на најдобрите фестивали за камерна музика низ целиот свет. Од 2008 квартетот издава носачи на звук за издавачката куќа „Мираре“ и досега имаат издадено 13 цедиња. Во сезоната 2024/2025 „Модиљани“ е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.