Програмата на класична музика на годинешното 65. „Охридско лето“ продолжува вечерва, (16 јули), со настапот на Гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук во црквата „Св. Софија“ од 21 часот.
Квинтетот го сочинуваат виолинистите Сузане Мерт-Томази, која е член на оркестарот од 1998 и често ја остварува функцијата на трет концерт-мајстор на оркестарот и нејзиниот колега од групата втори виолини, Андреј Јаблоков од Братислава, член на оркестарот од 2012. Покрај нив, движечка сила на квинтетот е Драган Трајковски, контрабасист со потекло од Македонија, кој е водач на групата контрабаси на ТСОИ повеќе од 15 години, како и двајца нови членови на ТСОИ – водачот на групата виоли, Елеонора де Пои, и соло виолончелистот, Леонардо Сесена. Де Пои има настапувано како оркестарски музичар во театрите во Фиренца, во „Ла Фениче“, како и во оркестарот на Националната академија „Санта Чечилија“, додека, пак, Сесена бил член на оркестарот на миланската опера „Ла Скала“, како и заменик-водач на групата виолончела на Лондонската филхармонија. Тие ќе ги изведат делата на Фридрих Гулда, Љупчо Трајковски – Фис и Антонин Дворжак.