Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП-групацијата, ја доби Ниво 2 акредитацијата за управување со емисии на јаглерод, доделена од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI).

Акредитацијата е дел од глобалната програма Airport Carbon Accreditation (ACA) и е признание за активностите што охридскиот аеродром ги спроведува во насока на мерење, анализа и намалување на јаглеродните емисии во своето работење.

– Достигнувањето на акредитацијата Ниво 2 претставува официјално признание дека Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид систематски ги мери, анализира и активно работи на намалување на своите емисии на јаглерод. Оваа акредитација ја потврдува нашата посветеност како ТАВ Македонија кон меѓународните стандарди за одржливост и испраќа јасна порака дека заштитата на животната средина е стратешки приоритет во работењето на аеродромите што ги управуваме – изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Со добивањето на Ниво 2 акредитацијата, охридскиот аеродром докажува дека не само што го разбира сопственото јаглеродно влијание, туку и дека има воспоставено конкретни и мерливи цели за активно намалување на емисиите од Опсег 1 и Опсег 2. Овие емисии ги опфаќаат потрошувачката на енергија, греењето и ладењето на објектите, како и возилата во сопственост на аеродромот.

Меѓу клучните иницијативи што придонеле за постигнување на ова ниво се транзицијата на возниот парк, зголемената употреба на батериска и хибридна опрема за копнена поддршка, оптимизацијата на енергетската потрошувачка, користењето обновливи извори на енергија и инвестирањето во инфраструктура за полнење електрични возила. Дополнително, аеродромот вложува и во подобрено управување со отпадот, ефикасно користење на водата, обуки за вработените и активности за подигање на свеста за одржливост, како и во работата на Комитетот за одржливост.

Програмата Airport Carbon Accreditation е единствената институционално призната глобална сертификација за управување со јаглеродни емисии на аеродромите. Таа ги оценува и ги признава напорите на аеродромите преку седум нивоа на сертификација – од Ниво 1 до Ниво 5.

Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) е глобална трговска организација која ги претставува аеродромите ширум светот и работи на унапредување на безбедноста, ефикасноста и на одржливиот развој на воздухопловството.

Нови линии од Скопје – од март евтини летови до Берлин, Братислава и Копенхаген

Од скопскиот аеродром од март ќе бидат воведени нови авионски линии до Берлин, Братислава и Копенхаген, со што се проширува мрежата на евтини летови од земјава. Новите рути ќе овозможат директни патувања до три европски метрополи по значително пониски цени од досегашните.

Почетната цена на авионските билети ќе изнесува 1.799 денари за летовите до Берлин, додека за Братислава и Копенхаген билетите ќе се продаваат по цена од 1.499 денари. Се очекува новите линии да предизвикаат зголемен интерес кај патниците, особено кај оние што патуваат поради работа, туризам или студии.

Нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ во моментов располага со три авиони кои сообраќаат на двата македонски аеродроми. Само преку скопскиот аеродром во изминатите пет години, компанијата превезла повеќе од два милиони патници кон и од Македонија.

Во рамки на договорот со Владата, унгарскиот авиопревозник одржува вкупно 24 авионски линии до 11 европски земји, со што значително се зголемува поврзаноста на Македонија со странство.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ