По книжевната вечер со поетот Славе Ѓорѓо Димоски, денеска (16 јули) со почеток во 18:30 часот, во кафе-барот „Шила“ во Охрид, ќе се одржи книжевна вечер со една од најинтересните и најоригинални македонски раскажувачки на 21 век, Лилјана Пандева. Настанот ќе биде посветен на српското издание на нејзиниот култен роман, „Доилката“, за кој ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга во 2016 година. Во Србија, книгата доби престижни награди и исклучително високи оцени од српската книжевна критика, а преводот „Доиља“ беше објавен во 2019 година, во издание на реномираната издавачка куќа „Алма“ од Белград.
На настанот, со свои видувања ќе се вклучат и: истакнатиот српски книжевник, универзитетски професор и новинар, Милутин Ѓуричковиќ, кој во моментов е еден од посветените афирматори на современата македонска книжевност во Србија; преведувачката Марица Гроздановиќ-Милошевиќ, која ќе ги пренесе своите предизвици при преведувањето на делото и книжевникот и програмски директор на СПОНА, Милутин Станчиќ. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.