Охридскиот Регион не смее да биде жртва на несоодветно планирање и институционална немоќ. Потребни се конкретни, мерливи и веднаш применливи чекори, со вклучување на независната стручна јавност и на граѓанските иницијативи и организации. Природното и културно наследство не смее да биде жртва на краткорочни економски и политички интереси. Заштитата е заедничка обврска и одговорност кон сегашните и идните генерации, доколку навистина сакаме да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност – посочија за весникот ВЕЧЕР од граѓанското здру жение „Охрид СОС“, како реакција на состојбите на терен, кои може да доведат до тоа Охридскиот Регион да биде ставен на листата на загрозено природно и културно наследство.
Деновиве до УНЕСКО беше испратен извештајот за „исполнување“ на препораките што беа дадени од Комисијата за заштита на културното наследство при оваа светска организација, а за кој Македонија и Албанија добија рок до 1 февруари. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, дали ќе бидеме ставени на листата на светско наследство во опасност или не, ќе знаеме во јуни, кога ќе се одржи следната сесија на УНЕСКО, во Јужна Кореја.
Од „Охрид СОС“, пак, велат дека сè уште ја немаат видено содржината на извештајот за состојбата на светското наследство, кој го доставија двете држави, деновиве, до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. – Од искуството низ годините, се рабо ти за извештаи што се повеќе маска отколку некој темелен, суштински доку мент и најчесто се споменуваат активности што започнале, декларативни заложби, но не и одредени конкретни резултати по дадените препораки. И покрај пове
ќекратните предупредувања и јасно дефинираните препораки, нивната реализација се одвива бавно, нецелосно или формално, без суштински промени на терен. Постојат препораки што не се исполнети или што се дури прекршени, а датираат од пред речиси една деценија, додаваат од „Охрид СОС“.
Како особено загрижувачка состојба тие го наведуваат фактот дека продолжуваат урбанизацијата, деградацијата на природното наследство и притисокот врз културно-историските вредности, најчесто со недоволна институционална контрола и одговорност.
– Недостигот од вистинска меѓуинституционална координација, политичка волја и транспарентност сериозно го доведува во прашање кредибилитетот на процесот на спроведување на препораките. Наместо итни и храбри мерки за заштита, сведоци сме на одлагања, компромиси и решенија што повеќе ги штитат краткорочните економски интереси отколку универзалните вредности поради кои Охридскиот Регион го има статусот на светско наследство – посочуваат од Здружението.
Оттаму велат дека ставањето на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност не треба да се толкува како санкција, туку како последно сериозно предупредување и можност за воспоставување вистинска заштита и одговорно управување со регионот.
– Оваа мерка треба да послужи како механизам за прекин на штетните практики и за започнување темелни и долгорочни реформи. Тоа е последен аларм дека без суштинска промена во урбанистичките политики, заштита на природното и културно наследство и владеење на правото, ризикот од трајно губење на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион е реален – истакнуваат од „Охрид СОС“.
Инаку, неодамна прашан што очекува како одговор од УНЕСКО, министерот Љутков истакна дека мора да се подготвиме за сè.
– Ова не е некој процес што се случува на оваа Влада или на овие министри, туку е процес што се случува 30-ина години наназад. Мораме да земеме пред вид дека лани ни беше последната опомена и ова што ни дадоа рок од седум месеци да завршиме некои постапки е јасен сигнал дека тие подготвуваат, а и претходно се подготвуваше, да влеземе на листата на опасност. Сè може да се очекува и треба да бидеме подготвени за сè. Наша задача е тоа да не биде така и да направиме уште еден притисок да ни се даде дополнително време – кажа министерот Љутков. (Д.Т.)












