Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагира на најавените измени на Правилникот за урбанистичко планирање, предупредувајќи дека тие овозможуваат реализација на одредени проекти само со урбанистички проект, без да се помине низ постапката за урбанистички план. Од „Охрид СОС“ велат дека станува збор за директен удар врз урбанистичкото планирање, бидејќи одлуките ќе се носат само со потпис на градоначалник или на министер, без можност граѓаните да имаат увид или да влијаат врз процесот. Според нив, тоа ќе доведе до претворање на земјоделско, шумско и крајбрежно земјиште во градежно, без соодветна процедура и без контрола. При тоа, бараат од Министерството за транспорт да ги повлече предложените измени, нагласувајќи дека урбанистичкото планирање мора да биде транспарентно, инклузивно и партиципативно, а не да се заснова само на економскиот интерес на инвеститорите
Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагира на најавените измени на Правилникот за урбанистичко планирање, предупредувајќи дека тие овозможуваат реализација на одредени проекти само со урбанистички проект, без да се помине низ постапката за урбанистички план.
Според иницијативата, ваквата промена ја отстранува јавната контрола и ги потиснува јавниот интерес и заштитата на животната средина.
Предложеното решение предвидува урбанистичкиот проект надвор од опфатот на урбанистичкиот план да може да се користи за изградба на објекти од државно и од локално значење – како фотоволтаични централи, мали хидроелектрани или депонии за опасен отпад. Овие проекти би се носеле врз основа на просторни планови, без задолжителна јавна анкета, без партиципативно тело и без одлука од советот на општината.
– Се предвидуваат фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали и депонии за опасен отпад со урбанистичкиот проект, а не со урбанистичкиот план! Урбанистичкиот проект надвор од опфат, како урбанистичко-планска категорија, го сметаме за тежок упад во урбанистичкото планирање и за бришење на јавниот интерес со потпис од градоначалник и на министер, а предлог-измените не се во насока на корекција, туку на уште поголеми отстапки – децидни се од „Охрид СОС“.
Тие појаснуваат дека зад овој концепт се крие легализирана експлоатација на земјоделско, шумско и крајбрежно земјиште.
– Урбанистичкиот проект надвор од опфат на урбанистичкиот план го претвора ова земјиште во градежно без да се помине целата процедура на урбанистичкиот план, што опфаќа вклучување на јавноста на неколку начини: преку јавна анкета, преку партиципативното тело и преку советот како претставничко тело на граѓаните. Урбанистичкиот проект надвор од опфат поминува само со потпис од градоначалникот или на министерот, зависно дали е од локално или од државно значење. Со кое право?! – прашуваат од граѓанската иницијатива.
Тие додаваат дека Правилникот е таков уште откако е првпат донесен во оваа верзија, во 2020 година.
– Со најновите измени на член 58 став (3), се додава точка 15, со што со урбанистички проект вон опфат на урбанистички план, меѓу другото, се уредуваат и „други градби од државно и од локално значење од групите класи на намени В, Г, Д и Е што ги задоволуваат условите за поединечни градби, односно групи градби и инфраструктурни градби вон населени места“. Она што фрапира е што постоела точка 15 во член 58 на Правилникот од неговото донесување во 2020 година, сè до 17.7.2025 година, кога била отстранета. Единствена разлика е што во претходната верзија беа опфатени и градбите од класите А и Б. Дали се работи за несмасно отстранета точка пред еден месец, па сега треба да се врати назад или за нешто друго? – реагираат од „Охрид СОС“.
Оттаму сметаат дека ако Министерството за транспорт имало намера со измените да ги елиминира штетните последици од оваа можност во Правилникот, тогаш мора комплетно да ги преработи измените и целосно да ја елиминира опасноста, меѓу другото, да може да се прават фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали, гасоводи, нафтоводи, депонии за неопасен и опасен отпад со урбанистички проект.
Од „Охрид СОС“ велат дека станува збор за директен удар врз урбанистичкото планирање, бидејќи одлуките ќе се носат само со потпис на градоначалникот и на министерот, без можност граѓаните да имаат увид или да влијаат врз процесот. Според нив, тоа ќе доведе до претворање на земјоделско, шумско и крајбрежно земјиште во градежно, без соодветна процедура и без контрола.
Иницијативата бара од Министерството за транспорт да ги повлече предложените измени, нагласувајќи дека урбанистичкото планирање мора да биде транспарентно, инклузивно и партиципативно, а не да се заснова само на економскиот интерес на инвеститорите.
„Охрид СОС“ повикува јавноста да биде вклучена во процесот на донесување одлуки и институциите да ја преземат одговорноста пред граѓаните, историјата и идните генерации.