Претседателот на Здружението „Градиме иднина“, Илија Јовановиќ, истакна дека најпогодени од овој проблем се ромската заедница и семејствата од социјално најранливите категории. Тој наведе дека најчесто се носат деца од Велес, Кичево, Струмица, Битола, Штип и од други градови, по што се распределуваат на туристичките локации во земјава. Јовановиќ упати апел до граѓаните да не даваат пари, посочувајќи дека тоа претставува кривично дело и директна поддршка на организираното злосторничко здружување. Според истражувањата, околу 18.500 деца во државата не посетуваат настава, а од приближно 2.000 деца што секојдневно просат, за четири години од улица се тргнати само 145
Состојбата со детското просење во туристичките центри повторно станува алармантна, особено во Охрид, каде што значително се зголемува бројот на деца што просат во текот на празниците и зголеменото присуство на туристи. По нивното заминување, бројот се намалува, но проблемот останува.
На ова од Охрид предупреди Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“, по повод четири години од спроведувањето на проектот „Стоп против питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“.
Најпогодени од овој проблем се ромската заедница и семејствата од социјално најранливите категории. Според истражувањата, околу 18.500 деца во државата не посетуваат настава, а од приближно 2.000 деца што секојдневно просат, за четири години од улица се тргнати само 145.
Децата најчесто се носат од Велес, Кичево, Струмица, Битола, Штип и од други градови, по што се распределуваат на туристичките локации во земјава.
Јовановиќ упати апел до граѓаните да не даваат пари, посочувајќи дека тоа претставува кривично дело и директна поддршка на организираното злосторничко здружување. Како што нагласи, парите завршуваат кај организаторите и кај мафијата, додека децата добиваат од 10 до 50 денари и често се изложени на физичко малтретирање.
Работното време на децата започнува во 9:00 часот наутро и трае до 3:00-4:00 часот по полноќ, а во Охрид едно дете месечно заработува меѓу 3.000 и 5.000 денари.
– Не можеме прекуноќ да тргнеме од улица над 2.000 деца, бидејќи станува збор за децениски проблем, не само кај нас туку и во Албанија, Србија и во други земји каде што спроведувавме истражувања. Разликата е што таму функционираат законите – истакна Јовановиќ.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека досега се поднесени 246 кривични пријави поврзани со злоупотреба на деца, трговија со луѓе, бизнис и проституција.
Според Јовановиќ, проектот придонел за „будење“ на институциите – обвинителствата, судовите, полицијата, центрите за социјална работа и Министерството за труд и социјална политика, по што се забележуваат значајни промени и резултати.
Протоколите предвидуваат сите деца да бидат вклучени во образовниот систем, да добијат здравствена заштита, МВР да обезбеди лични документи, а градоначалниците да преземат мерки за отстранување на питачите од улиците и за отворање дневни центри.












