Охрид полн со средношколци и странски туристи кои малку трошат

Туристичката сезона е прикрај, а туристичките работници ги сумираат резултатите. Тие велат дека Турците летово ги замениле Холанѓаните и Полјаците во Охрид. Оваа сезона ја оценуваат како послаба од минатите две години и велат дека мора да се менува структурата на туристи и да се дислоцираат културните настани и концертите надвор од центарот на градот. Исто така, потенцираат дека Охрид треба да го смени концептот на туризам од масовен во одржлив, бидејќи, како што велат, масовноста носи повеќе штета отколку придобивки

278

Охрид летово е полн со средношколци, студенти и со странски туристи со послаба куповна моќ. Туристичките работници и хотелиерите велат дека годинава ги нема Полјаците и Холанѓаните и дека место нив, има голем број Турци, кои не се големи трошаџии. Тие ја оценуваат оваа туристичка сезона како послаба од минатите две години и велат дека мора да се менува структурата на туристи и да се дислоцираат културните настани и концертите надвор од центарот на градот. Исто така, потенцираат дека Охрид треба да го смени концептот на туризам од масовен во одржлив, бидејќи, како што велат, масовноста носи повеќе штета отколку придобивки.

– Оваа туристичка сезона е послаба од лани. Имаме промена на ноќевањата од држави, односно има пад на туристите од Холандија и од Полска, а на нивно место има Турци, кои се тука на кружни тури и остануваат на едно ноќевање. Поради тоа, има повеќе работа за хотелиерите, но, во секој случај, не се празни. Домашни гости има, но тие се сместуваат претежно во приватното сместување. Гостите од дијаспората, исто така, беа доста присутни оваа година. Оваа сезона почна нешто подоцна – од втората половина на јули, но за 2 Август сè беше полно – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Според него, потребно е настаните во Охрид да бидат распределени во текот на сите летни месеци, а не сите да се сконцентрирани околу 2 Август. Поради тоа, во тој период во градот се создава многу отпад, метеж во сообраќајот, недостиг на паркинг, нервозни гости….

– Приватното сместување беше пополнето претежно со млади, тинејџери, кои доаѓаат во Охрид за журки и забави. Поради тоа, треба да се дистанцираат концертите од центарот на градот, бидејќи 15 дена, додека траат концертите, има прегласна музика и врева до раните утрински часови. Жителите на градот и туристите се жалат дека немаат мирен одмор – додава Блажевски.

Тој апелира до угостителите да ја сменат ценовната политика, бидејќи годинава имаше многу реакции дека Охрид е прескап.

Според туристичките работници, Охрид е културна метропола, а не збиралиште на пијани средношколци. Поради тоа, сметаат дека итно е потребна нова стратегија.

– Сите оние евтини, турбофолкери, да не ги именувам сега, носат публика што ни доаѓа, а со тоа доаѓаат и тепачки. Градот е во хаос, комуналното претпријатие ден по концертите не може да го исчисти градот од ѓубрето што го гледаме. Тоа е евидентно овде, по кејот, во центарот… од што градот нема никакви придобивки – вели еден туристички работник.

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од туристичката сезона. Повикувајќи се на статистичките податоци, тој вели дека во првите шест месеци од годинава сме имале некаде околу 13,5 проценти раст споредено со шесте месеци од минатата година, а во делот на странските туристи, тој раст бил речиси 20 проценти.

– Знам што сработивме изминатите шест месеци за по оваа туристичка сезона што ќе заврши, надвор од туристичката сезона на нашите главни туристички центри, повторно да имаме гости што ќе бидат во број од неколку десетици илјади, кои ќе генерираат неколку стотици илјади преноќувања. Зборувам за број од 40, 50, 60 илјади гости што ќе бидат надвор од сезоната и зборувам за број од 150, 200, 300 илјади преноќувања, нешто што сме го немале во минатото – рече тој.

Премиерот потенцира дека организираниот пристап дава резултати.

–  Организираниот пристап дава резултати. Мораме сега да се справуваме и со ова што се случува околу Охрид, Охридското Езеро и УНЕСКО. Добивме одреден период она што зависи од нас, да го отстраниме. Веќе формиравме тим, кој ќе почне сериозно да се занимава со оваа проблематика. Тоа што можеме да го правиме како Влада, го правиме – нагласи премиерот Мицкоски.

Според туристичките експерти, потребна е промена на понудата за привлекување еколошки свесни и културни туристи. Наместо за забава, Охрид се посетува за културно- историските споменици, археолошките наоѓалишта, музеите и прекрасната природа.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ