Цените во Охрид ги вџашија дури и странските гости. Иако Охрид важи за евтина дестинација за летен одмор, поради што е најчест избор на голем број Европејци, полека се менува оваа констатација. Поради високите цени на хотелските ол инкулузив понуди, досега соработката со Охрид ја откажаа два тур-оператора од Холандија и од Полска. Туристичките експерти велат дека причините за високите цени лежат во повеќе фактори, а освен зголемените цени на струјата, храната… тука е и менталитетот на угостителите и на хотелиерите да заработат што повеќе во сезона. Доказ за тоа дека претерале хотелиерите и угостителите со цените на услугите е цената на едно кафе, кое во Охрид чини од 2,5 до 3 евра во Чаршијата и над 3 евра покрај езерото. Домашните гости одамна се откажаа од Охрид, бидејќи за речиси исти пари може да летуваат на море, во некоја од соседните држави. Ако продолжат со овие цени, охридските угостители ќе ги избркаат и странските гости.
Дека Охрид е туристичка стапица, особено за домашните гости, се согласуваат и функционерите. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, апелира до угостителите да се вразумат додека сме на почетокот од летото, оти има чаре за нивното аздисување.
– Кафе од 3 евра е скапо за македонски услови, навистина. Секогаш пазарната економија треба да ги формира цените и секаде каде што ќе видиме дека нема пазарна логика, ние ќе реагираме. Меѓутоа, и високите цените некогаш ги одвраќаат туристите, значи тука треба да внимаваат самите угостители да имаат пригодни цени. Доколку имаат пониски цени, ќе имаат поуспешна туристичка сезона. Тоа нека биде апел до туристичките работници и угостителите во Охрид – изјави Ристески.
Освен пијачките, скапо е и на пазарите и во Чаршијата. Топче сладолед е од 80 до 120 ден., просечната цена на пицата е околу 8 евра, а охридската цреша се продава по 300 ден за килограм. И коктелите имаат жешка цена, најевтиниот е 400 ден. Поради високите цени на хотелските ол инкулузив понуди, досега соработката со Охрид ја откажаа два тур-оператора од Холандија и од Полска.
Сопствениците на кафулиња во Охрид велат дека цените на пијалаците не се многу високи со оглед на тоа дека многу се зголемени киријата на угостителските објекти и цената на работната рака.
– Охрид е туристички град и очекувано е цените во сезона да се повисоки. За угостителски објект што се наоѓа на првата линија покрај езерото, плаќаме кирија од 4.000 евра месечно. Освен тоа, и цената на работната рака е многу покачена, дневницата на еден келнер е 1.500 денари, на шанкерот од 2.000 до 3.000 денари. Освен тоа, имаме многу други трошоци за струја, вода, комуналии… – вели сопственик на угостителски објект во Охрид.
Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор, вели дека не постои висока или ниска цена, туку каква услуга добиваш. Според него, цената не смее да игра главна улога во привлекувањето странски туристи.
– Доколку ги анализираме цените и компарираме со растот или со падот на бројот на туристи и со нивниот просечен престој, од прва ќе заклучиме дека треба многу да работиме на понудата, на подигање на услугата, на додавање дополнителна вредност на цената, на зголемување на атракциите на дестинациите и на голем број други фактори што влијаат, директно или индиректно, цената да ни е висока или ниска за добиеното. Односно што го нудиме на дестинацијата, такви гости ќе привлечеме да нè посетат. За да можеме појасно да ги гледаме работите околу откажувањето на странските туроператори, треба да си одговориме на следниве прашања: каде беше промовирана Македонија како туристичка дестинација во 2024 и 2025 година, колку нови авионски линии, зголемени редовни и чартер-летови имаме на Охридскиот аеродром, до каде ни е патната инфраструктура и просечната старост на нашите туристички автобуси, што направивме за да ги задржиме странските туроператори и дали им се исплатени субвенциите за 2023 година и 2024 година, што им нудиме како нови атракции на традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија… колку нови хотели, ресторани, збогатени менија, едуциран кадар и автентична понуда ги дочекаа годинашните гости во Охрид и колку нашите сместувачки капацитети ги подигнаа стандардите на барањата на туристите? Кога сериозно ќе се зафатиме со главните предизвици во македонскиот туристички сектор, тогаш цената нема и не смее да ја игра основната улога во привлекувањето туристи – изјави Јаневски за весникот ВЕЧЕР.
Дел од гостите од земјава постојано реагираат на социјалните мрежи, објавувајќи ги високите сметки што ги добиле во некои од угостителските објекти во Охрид, каде што цените и на храната и на пијалаците се како на некои егзотични или монденски дестинации. Освен за цените, коментираат дека и услугата не е за пофалба, дека угостителските објекти кубурат со кадар и наместо професионални угостители, ги служат средношколци, студенти и странски работници.
(А. С.)