– Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на вчерашната 47. сесија, која се одржува во Париз, донесе одлука со која на Македонија и на Албанија им се дава дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското и природно и културно наследство на Охридскиот Регион – посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, откако министерот за надворешни работи ја објави веста дека е зачуван статусот на Охридскиот Регион како светско културно наследство. Инаку, во нацрт-одлуката на Комитетот на УНЕСКО со која се бараше Охридскиот Регион да биде ставен на листата на загрозено културно наследство, меѓу другото, беа посочени и забелешките наведени во реактивната мониторинг-мисија од минатата година, со заклучок дека урбаниот развој, дивоградбите, еутрофикацијата на езерото, големите инфраструктурни и други проекти предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје, што довело до неповратна деградација
– Статусот на Охридскиот Регион како светско културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активната, посветена и координирана дипломатија во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јака волја, координација и одговорен пристап, резултатите се неминовни – објави на вчерашната прес-конференција министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Тој додаде дека од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицковски и со министерот за култура и туризам – Зоран Љутков, е активно вклучен во процесот.
– Водевме интензивни разговори со нашите меѓународни пријатели, градевме заеднички позиции со државите членките на Комитетот за културно наследство. Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата што ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и на недостиг на суштински мерки од претходната влада. Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков, не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултатите – додаде Муцунски.
Тој, исто така, посочи дека иако зборува за зачувување на статусот, се работи за прв чекор, бидејќи претстои обврската да се обезбеди долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да се изгради довербата во институциите, како и во капацитетот на државата да се грижи за највредното свое културно и природно богатство. Муцунски му се заблагодари на тимот од Министерството за надворешни работи и трговија за стручноста и „клучната работа зад сцената“, која довела до одлуката да се зачува статусот на Охридскиот Регион.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, исто така потврди дека Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на денешната 47. сесија, која се одржува во Париз, донел одлука со која на Македонија и на Албанија им се дава дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското и природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
– Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на владите на Македонија и на Албанија, кои беа препознаени од членките на Комитетот и од другите надлежни инстанци. Беше очекувано дека ќе се препорача ставање на листата на наследство во опасност и затоа заедно со министерот Муцунски и со премиерот Мицкоски реагиравме многу порано од вообичаеното и со една заедничка дипломатска офанзива успеавме да обезбедиме уште една година за спроведување на препораките, кои ќе ни бидат важни. Одлуката на Комитетот, за нас, е поттик и мотивација најсериозно да продолжиме со конкретните мерки, кои ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките на реактивните мисии и од 2020 и од 2024 година, како и на стратешкиот план за рехабилитација – посочи Љутков.
Тој додаде дека не смееме да си дозволиме однос кон светското природно и културно наследство – Охридски Регион како во минатото. Притоа потсети дека веќе втор пат ни се случува да има барање Охридскиот Регион да се стави на листата на загрозено наследство, и тоа во време на СДСМ и на ДУИ, како и дека не е направено ништо во однос на ова прашање.
– Во последните седум години, ниту една од препораките од УНЕСКО не е земена предвид и наместо заштита, бевме сведоци на непостапување по експертските извештаи и на системско разнебитување – посочи Љутков, кој потенцираше дека ќе се направи максимален ангажман надлежните институции и домашните експерти да му се посветат на зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион, како должност кон државата и кон идните генерации.
Инаку, во нацрт-одлуката на Комитетот на УНЕСКО со која се бараше Охридскиот Регион да биде ставен на листата на загрозено културно наследство, меѓу другото, беа посочени и забелешките наведени во реактивната мониторинг-мисија од минатата година, со заклучок дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикацијата на езерото, големите инфраструктурни и други проекти предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје, што довело до неповратна деградација. (Д. Т.)