Решавањето на долгогодишниот еколошки проблем со ОХИС влегува во завршна и клучна фаза. Владата, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), интензивно ќе продолжи да работи на процесот на ремедијација, со цел трајно да се отстранат ризиците за здравјето на граѓаните и за животната средина. Продолжувањето на договорот обезбедува дополнителни 12 милиони евра финансиски средства, обезбедени од Владата преку Генералниот секретаријат на Владата, и воспоставува период на имплементација од 3 години, во кој се очекува да бидат завршени сите други работи на терен и целосно да се изврши ремедијацијата на малата депонија.

– Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање. Со комбинирање на националното лидерство и меѓународната експертиза, создаваме услови за безбеден, темелен и одржлив процес на ремедијација – истакна Игор Јанушев, генерален секретар на Владата.
Ремедијацијата на малата депонија на локацијата ОХИС, која се состои од 5 бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени 1969 тони XCH отпад (линдан) и 586 тони контаминирана почва, приближно 60 отсто од планираното чистење. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка, што претставува значаен чекор во справувањето со наследеното загадување на оваа локација.












