Центарот за управување со кризи, информира дека голем пожар има вечерва во фабриката „Макпрогрес“, позната како “Винчини“. Од ЦУК информираат дека се зафатени производствените погони 6,7 и 8 и магацини. Пожарот избувнал во магацините.
На терен се екипи на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари, а на помош тргнати се и пожарникари од Свети Николе, Струмица, Пробиштип, Кочани, Штип и Македонска Каменица.
-Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари, вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Пожарот во фабриката го потврдија и од МВР.
“Денеска (06.09.2025) во 18:36 часот во ОВР Виница е пријавено дека настанал пожар во погони и магацини на фабрика во Виница. За гасење на пожарот ангажирани се поголем број на противпожарни екипи од Виница и соседните градови, како и полициски службеници. До сега нема повредени лица”, велат од МВР.