фото: П.Стојановски

Пожарот што избувна во Старата скопска чаршија, во непосредна близина на црквата „Свети Спас“, која е еден од најзначајните споменици на културата, го отвори прашањето колку, освен на хартија, физички се заштитени спомениците на културата, и не само тоа, колку се обучени вработените да ја спасат историјата со оглед на тоа што во црквата е сместен саркофагот со посмртните останки на македонскиот револуционер и борец за слобода на Македонија, Гоце Делчев.

Пожарникарите реагирале навреме и со пет противпожарни возила го изгаснале распламтениот оган, кој ја зафатил и покривната конструкција на напуштениот објект, објасни за весникот ВЕЧЕР командирот на скопската бригада, Ѕвонко Томески. Имале пристап од улицата под Калето, во бараката каде што, според соседите, се собирале бездомници за преноќување. Среќа, немало никој, но ѓубрето од хартија во објектот направило огнот брзо да вивне, а дополнително дождот го направил теренот лизгав, па било побарано засилување, вака пожарникарите ја опшиваат ноќта.

– Пожарот што се случи беше во друг блок и немаше никаква допирна точка со комплексот „Свети Спас“, бидејќи меѓу двата урбанистички блока има улица. Во секој случај, комплексот има чуварска служба, која сигнализираше дека има проблем во близина. Самиот чувар беше присутен во текот на интервенцијата на пожарникарската служба –вели за весникот ВЕЧЕР директорката на Конзерваторскиот центар на Град Скопје, Лилјана Китановска.

На прашањето како е обезбеден комплексот во случај на пожар, таа објасни дека црквата е целосно опремена со противпожарни апарати и дека има и хидрант на самиот влез. Како посебен проблем го нагласи платото пред комплексот, кое е узурпирано со маси и со клупи од угостителскиот објект „Пивница“, со што се отежнати нормалното движење на овој потег и пристапот на противпожарните возила во ситуација каква што настана со пожарот во запуштената барака.

– Ситуацијата навистина беше ризична, бидејќи не можевме да знаеме на која страна може да се движи пожарот поради ветрот, но беа преземени сите мерки што можевме да ги преземеме – вели Китановска.

Во државата се регистрирани вкупно 1.336 недвижни објекти што претставуваат културно наследство и се заштитени со закон. Црквата „Свети Спас“ особено се издвојува, бидејќи од 2019 година се води како културно наследство во опасност. Заштитата на спомениците и на музејските згради од пожари станува критично прашање во услови кога се сè почести пожарите, како во летниот период, и се потешко предвидливи како последниов. Вложувањето во надзор и обука за заштита од пожари е клучно за културното наследство. Сепак, ако се видат набавките на Националната установа Конзерваторски центар –Скопје во изминатава година, може да се забележи дека склучила договор единствено за видеонадзор и за физичко обезбедување на археолошкиот локалитет Градиште во Таор, Зелениково.

Иако институциите што управуваат со културното наследство во земјава имаат законска обврска да развијат планови за заштита, евакуација и спасување, анализите покажуваат дека голем дел од нив сè уште немаат функционални или ажурирани документи. Во практика, тоа значи дека во кризни ситуации, кога е клучна секоја секунда, реакцијата често се сведува на импровизација, што може да резултира со неповратно уништување на културните добра.

Последниве децении, огнот се покажа како една од најголемите закани за овие духовни и културни светилишта. И додека во Европа се заштитени црквите, манастирите и историските објекти со високи стандарди и со автоматизирани системи за детекција, во Македонија често ги откриваме пожарите кога веќе ја голтаат историјата.

На 30 септември 2009 година, старата кујна во Бигорскиот манастир се запали и пожарот брзо се прошири во ќелиите, трпезаријата и во библиотеката. И покрај тоа што највредното – дрвениот иконостас, дел од скапоцените фрески и монашките архиви – беше спасено, комплексот претрпи огромни штети. Пожарот ја покажа ранливоста на македонската културна инфраструктура, која сè уште не располага со системски решенија за превенција и контрола. Во 2013 година, огнот ја зафати монашката населба на манастирот Трескавец. Црквата со византиски фрески остана неповредена, но дрвените конаци беа уништени. Манастирот се најде на работ од катастрофа, што повторно покажа дека без систематска заштита, секоја негова вредност е на милост на случајот. Во август 2017 година се приближи шумскиот пожар до Трескавец, загрозувајќи го целиот комплекс. Благодарение на пожарникарите, локалното население и на доброволците, манастирот беше спасен. Иако во последниве години нема пријавени катастрофални пожари како во Бигорски или во Трескавец, експертите предупредуваат дека секој летен период носи висок ризик од природен пожар, особено во услови на климатски промени и суша.

Слични ризици постојат и кај Марковиот манастир, Лесновскиот, Слепчанскиот манастир и други културни објекти сместени во шума или во ридски области. Дрвените конструкции, старите покриви и инфраструктурата без систем за детекција или гаснење, лесно може да бидат проголтани од пожарите.

Автоматските сензори, плановите за евакуација и обучените тимови успеаја да спасат огромен дел од елементите во катедралата „Нотр Дам“ во Париз, во пожарот во 2019 година. Во Германија, Холандија и во Австрија, големите манастири и музејски објекти имаат системи за автоматско гаснење со инертни гасови што не го оштетуваат уметничкиот материјал. Во Данска и во Шведска, постојат обврски за годишни ревизии, детален евидентен систем и специјални тимови за брза интервенција во културни објекти. Европските музеи имаат и детализирани листи што точно утврдуваат кои предмети се спасуваат први, со однапред подготвени кутии, материјали и транспортни процедури. Во повеќето европски држави, ваквата подготовка не е препорака, туку законска обврска.

Во Македонија, најчесто превенцијата зависи од волјата на поединци, ентузијазмот на монасите или на локалните заедници.

Според публикацијата на „Блу шилд Македонија“, евакуацијата на луѓе и на културни вредности е приоритетна мерка во секоја вонредна состојба, но за неа се потребни обучени екипи, современа опрема и строго дефинирани протоколи. Плановите што треба да ги има секоја институција мораат да опфатат јасни евакуациски патеки, однапред определени точки за собирање, логистика за преместување на вредните предмети, безбедни зони за нивно привремено складирање, како и листи со обучен персонал задолжен за различни фази од процесот. Тоа подразбира и редовно одржување на противпожарната опрема, функционални алармни системи, сервис на електричните и на вентилациските инсталации, како и слободни и означени патеки за евакуација.

Но, документите и опремата сами по себе не се доволни. Експертите постојано предупредуваат дека вистинската разлика во кризни моменти ја прави обученоста на персоналот. Редовните тренинзи, практичните вежби и симулациите на пожар се клучни за функционирање на системот, бидејќи во вистинска опасност никој нема време да ги чита процедурите.

Во домашниот контекст, најголем проблем е што дел од институциите воопшто немаат вакви листи, ниту протоколи, а дел немаат ни обука или кадар што може да ги спроведе. Дополнително, многу споменици и историски објекти се во состојба што не дозволува брза евакуација, со тесни скали, нефункционални излези или со дотраени инсталации, кои самите по себе се ризик. Недостигот на средства и недоволната координација меѓу институциите уште повеќе ја продлабочуваат ранливоста на културното наследство. Ревизорските извештаи покажуваат дека македонското културно наследство често се реставрира со странски пари наместо со државно, долгорочно вложување. (П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ