АД ЕСМ ги доби првите сертификати од Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО за потекло на електрична енергија од обновливи извори на компанијата. Станува збор за гаранции за електрична енергија произведена во хидроелектраните на ЕСМ, со што се потврдува дека енергијата има чисто, обновливо и еколошки одржливо потекло.

Со тоа и официјално стартуваше системот за Гаранции на потекло кои се суштински чекор напред кон зелена и одржлива енергетска трансформација на земјата, механизам што ја отвора вратата за транспарентен, конкурентен и европски усогласен енергетски пазар.

– За нас е посебно значајно што првите издадени Гаранции се однесуваат на електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети на АД ЕСМ, кои користат чиста и обновлива енергија од вода. Ова е доказ за нашите континуирани напори за производство на електрична енергија на еколошки начин и нашата посветеност кон зелената транзиција. Гаранцијата ќе им овозможи на нашите клиенти сигурност во потеклото на енергијата што ја купуваат и ќе придонесе кон зголемување на свеста за важноста на обновливите извори – нагласи генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Сертификатите ги додели министерката за енергетика, Сања Божиновска, која од управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, доби благодарница, која и беше врачена како признание за личниот ангажман и институционалната посветеност во деблокирањето и финализацијата на сложениот процес за воспоставување на системот за Гаранции за потекло – процес кој речиси две години тапкаше во место, оптоварен со технички, регулаторни и координациски предизвици.

Со воспоставувањето на овој систем, Македонија прави голем исчекор напред во интеграцијата со европскиот енергетски пазар, зголемувајќи ја транспарентноста, одржливоста и долгорочната стабилност на домашниот енергетски систем.

 

ИЗДВОЕНИ