Град Скопје потпиша Меморандум за соработка со скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски истакна дека со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
-Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните. Потпишувањето на меморандумот испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога – нагласи Ѓорѓиевски.












