Офанзива од Брисел, притисок за Скопје – на тест и уставните измени и кредибилитетот на Унијата

Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Скопје и Брисел разменуваат јасни сигнали за неопходноста од уставни измени како клучен услов за напредок на европскиот пат на Македонија и за цврстиот став дека Унијата останува стратешка цел за земјава, но дека актуелната состојба е неодржлива и го нарушува кредибилитетот на ЕУ во проширувањето. Додека европските претставници, од Брисел до Варшава, инсистираат дека моментумот за проширување е сега и дека договорите мора да се исполнат, македонските лидери се соочуваат со домашни предизвици, политички поделби и наследени отстапки од минатото. Посетата на Кошта се гледа како дел од поширока дипломатска офанзива на ЕУ со цел да се разбие долгогодишниот застој и да се поттикне консензус околу европските реформи. Во игра се не само уставните измени, туку и кредибилитетот на Унијата и иднината на македонските евроинтеграции, додека времето за искористување на европскиот моментум станува сè пократко

1605

Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на земјава, кој во четврток во Скопје ќе оствари средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски, Брисел и Скопје си разменуваат сигнали за расположението во однос на обврските и очекувањата.

Додека известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц на средбата во Брисел му потенцирал на македонскиот министер за европски прашања Орхан Муртезани дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на земјава, кој бара одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина, премиерот Мицкоски во своето обраќање на Самитот „Македонија 2025“ го потврди ставот дека ЕУ останува наша цел, но дека земјава треба да победува и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз. Мицкоски се осврна на тоа дека ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, туку критериумите кои важат за нас се од сосема поинаква природа.

-Дел од тие отстапки правени во минатото од голем дел од политичарите, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени па биле притиснати до ѕид и немале каде, дел од лекомисленост и чековерност, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината и сега, оваа Влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме, рече Мицкоски.

Тој истакна дека посветеноста во таа борба е апсолутна и дека наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи.

-Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, три пати подобри од сите други ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим,… ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад, истакна премиерот.

Уставните измени неопходни

Во исто време, на средбата во Брисел известувачот за земјава во ЕП, европратеникот Вајц му ја пренел позицијата на Брисел на министерот Муртезани дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на земјава, кој бара „одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина“.

Австрискиот европратеник потенцирал и дека земјава има важна улога како стабилен партнер на Европската Унија.

– Клучните аспекти од пристапниот процес, вклучително и имплементацијата на Реформската агенда, уставните измени, текот на подготовките за отворањето на преговорите по кластери, како и значењето на меѓуинституционалниот и меѓупартиски консензус за успешно справување со реформските приоритети, беа главни теми на денешната средба во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со известувач на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеникот Томас Вајц, соопштија вчера од министерството за европски прашања.

И од земјата актуелен претседавач со ЕУ, Полска, доаѓаат пораки дека што поското треба да се исполни преземанта обврска за уставните измени. Полскиот амбасадор во земјава деновиве порача дека властите во змејава треба да го искористат моментумот.

– Има една стара поговорка pacta sunt servanda, односно договорите мора да се исполнат. Оваа обврска на Северна Македонија стана дел и од позицијата на Брисел. Комесарката Марта Кос јасно кажа дека очекува Северна Македонија да ја исполни обврската со цел да се придвижи процесот. Што и да кажеме, повторно доаѓаме до истиот заклучок: сè почнува со уставната обврска, а потоа процесот може да продолжи. За да започне пристапниот процес, Северна Македонија треба да ја исполни својата заложба и да го промени Уставот, поради обврската што ја презеде во 2022 година, при потпишувањето на договорот. Откако ќе го направите тоа, можеме да го планираме процесот и да ги отвориме преговорите речиси веднаш. Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите кандидати. Проблемот со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидливоста, проблемот е дека ваквиот моментум може и да не трае вечно. Значи, задача на Владата на Северна Македонија е да го искористи овој моментум сè додека трае, рече Бримора во интервју за МИА и оцени дека посетата на Кошта на Скопје е уште еден силен сигнал на приоритетите на ЕУ. Тој најави и дека полскиот премиер Доналд Туск, ќе го посети Скопје во следните неколку месеци.

Започна бриселската офанзива

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од вчера до петок престојува во посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки в четврток ќе допатува во Скопје, а в петок ќе учествува на самит на Европската политичка заедница во Тирана. Целта на посетата на Кошта е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.

– Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично. Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја.

Работниот дел од посетата на Кошта започна во Белград, од каде тој ќе отпатува за Сараево. Утре Кошта оди во Подгорица на средби со црногорскиот државен врв, а попладнето ќе отпатува за Приштина.

Претседателот на Европскиот совет в четврток ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Од Скопје, Кошта попладнето ќе замине на средби во Тирана, каде во петок ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), чија тема е „Нова Европа во новиот свет: Единство – Соработка – Заедничко дејствување“.

По Кошта, до крајот на овој месец, според најавите, се очекува во Македонија да допатува и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас. Се очекува дека со свртувањето на вниманието на високите европски лидери кон земјава, која подолг временски период отстапуваше од нивните рути, Брисел сака да покаже дека има волја со дипломатска офзанзива да ја придвижи земјава кон Унијата.

Бриселскиот ангажман, што го најави и авроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, доаѓа по изјавата на еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос, која рече дека Македонија е тажна приказна со оглед на тоа колку долго чека на процесот на преговори, а дека Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Унијата, до крајот на нејзиниот мандат.

Неодамна, претседателката Гордана Сиљановска- Давкова по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, рече дека земјава стои цврсто на патот кон ЕУ и дека Копенхашките критериуми се тие кои ќе не направат, стандардна европска, досадна држава, а ветото, потенцира, не е пријателски инструмент. Сиљановска Давкова истакна дека Македонија останува посветена на патот кон ЕУ, но дека актуелната состојба е неодржлива, што зборува многу и за кредибилитетот и интегритетот на Унијата во една од најважаните области – проширувањето. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ