Годинава, во рамките на фестивалот, кој ќе трае од 5 до 8 јуни, ќе се претстават врвни артисти од осум земји од светот, во, веројатно, најсилната програма во последниве години
Грандиозната пејачка од Португалија, Марија Жоао, е ѕвездата на 24. издание на „Оф-фест“, кое почнува на 5 јуни.
Годинашниов фестивал на музика од светот почнува в четврток (20:00 часот), во Националната опера и балет, со македонски звуци и со настап на Драган Даутовски и неговиот син, Ратко. Извлечените звучни вредности од длабочините на нашата фолклорна ризница, често надградени и осовременети, се уметнички белег на Драган Даутовски, етномузиколог, музичар, композитор и научен работник чија петдецениска уметничка дејност е означена преку народните инструменти и традиционалната македонска музика. Во 22:00 часот следува групата „Canzoniere Grecanico Salentino“ (CGS) од Италија. Основан во 1975 година од фамилијата Дуранте, а сега предводен од наследникот визионер Мауро Дуранте, овој музички состав континуирано ги негува своите корени од јужна Италија и ја носи традиционалната жештина на сцените во светот. CGS е водечки и најдолговечен фолклорен состав во Италија, вибрира со енергијата на древниот ритуал pizzica taranta, за кој се вели дека со избезумувачкиот танц турка во транс. Девет години по фантастичниот настап на „Оф- фест“, тие се враќаат во Скопје како дел од славеничката турнеја.
Инаку, годинава, во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 8 јуни, ќе се претстават врвни артисти од осум земји од светот, во, веројатно, најсилната програма во последниве години.

Марија Жоао, пак, ќе настапи на 6 јуни, во 22:00 ч., во НОБ, а по Лисабон, „Оф-фест“ е првата европска концертна премиера на нејзиниот нов волшебен проект – „Аbundância“, со кој ја прослави 40-годишната кариера. Снимен во Лисабон и во Мозамбик, „Abundância“ (2025) е плоча за нејзиното враќање кон корените. На сесиите во Мозамбик учествуваа локални музичари и чудесен хор, кои оставија печат на изданието продуцирано од мајсторот на електрониката, Луиш Фернандеш. Секогаш отворената приказна на Марија Жоао повторно нуди нова визија, која во една песна може да премине од џез во електроника и да го адаптира гласот на нотите од инструментите. Нејзиното име е неизбришливо во историјата на португалскиот џез. Таа освојува со својот шарм и плени со чудесниот глас. Таа вечер, претходно, во 20:00 ч., во НОБ ќе настапи и експлозивниот Кимо Похјонен од Финска, кој е своевиден револуционер на хармониката и кој поради специфичниот стил на свирење е исклучителен и во глобални рамки. Имајќи ги предвид неговите уникатни проекти и композиции, тој е еден од ретките артисти што создале нов и независен жанр.

Покрај него, во програмата се присутни уште неколку големи ѕвезди на таканаречената музика на светот. На „Оф-фест“ повторно ќе има возбудлива африканска вечер. Ако минатото издание беше отворено со жестокиот Бомбино, фестивалот годинава го крева влогот. Сахарскиот Џими Хендрикс, како што го нарече неодамна „Гвардијан“ Vieux Farka Touré, ќе настапи на 7 јуни, во 20 ч., НОБ. А има и зошто. Гитаристот од Мали успева да биде виртуоз на инструментот, а притоа да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста. Тој е син на колосалниот Али Фарка Туре и една од најголемите африкански ѕвезди денес. Таа вечер, во 22:00 часот, во НОБ концерт ќе одржи вокалистката Флоренс Адони од Гана, со својот бенд. Нејзината музика е синтеза од фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, и многу повеќе од тоа. Ова е повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и на богати вокални хармонии.
Последната вечер, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар.
„Јулија Козакова трио“ од Словачка ќе настапи на 8 јуни, во киното „Фросина“ при МКЦ, во 20:00 часот. Јулија Козакова е најпозната по својата солокариера и по албумот „Мануша“ од 2022 година. На ова издание, таа внесе нов дух во некои од традиционалните ромски песни што се вкоренети во Словачка и во Централна Европа. Од својата 13. Година, свири со ромски музичари, а од соработката се истакнува онаа со чешката пејачка Ида Келарова. Вечерта продолжува во Дансинг салата во МКЦ, 21:00 ч., кога ќе настапи „Mordái“, фолк-рок бенд што, во најголема мера, е инспириран од репертоарот на унгарските експериментални фолк-музичари од `60-тите и од `70-тите години на минатиот век, чиј специфичен звук го отсликува мрачниот дух на друмските одметници. Многу брзо по првиот сингл, „Mordái“ се наметна како важен дел од сцената во Будимпешта и се претстави на некои од најважните унгарски фестивали и клубови.

„Оф-фест“ завршува со настап на македонскиот бенд „Луфтанза“ (22:00 часот, Дансинг салата во МКЦ). Формиран е во 2020 година и со четири албуми, пет години подоцна, прерасна во кормилар на свежиот бран во македонската алтернативна музика. На последното издание, „Далеку од вистинското нешто“ (2024). може да препознаете влијанија и од „Блек сабат“, па и од „Дарквуд даб“ и сè помеѓу. И ако воопшто може да се стават во рамка, тоа би било приближно вака: експериментален и психоделичен рок, постпанк и ноу вејв.
Листата со музичари на „Оф фест“ носи неверојатно широка и богата лепеза на жанрови и емоции, вистинско богатство на музичка разновидност. Следејќи ја убавата традиција, во придружната програма на „Оф-фест“ ќе биде прикажан и култниот бразилски документарен филм, „Saravah“, на 8 јуни, од 18:30 часот, во киното „Фросина“.