петок, јануари 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Одреден е триесетдневен притвор за осум лица, осомничени дека го оштетиле државниот...

Одреден е триесетдневен притвор за осум лица, осомничени дека го оштетиле државниот буџет за речиси 4,8 милиони евра

20

Заврши распитот на осум приведени лица поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи – УЈП, а по нивно произнесување, како и ценење на фактите и доказите, прифатен е предлогот и на сите осуммина им е определена мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од сите три точки, односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност да го довршат или повторат делото, информираа попладнево од  Кривичниот суд.

Државниот буџет е оштетен за 4,8 милиони евра од страна на дваесетмината осомичени – вработени и раководни лица во Управата за јавни приходи, српски државјанин, бизнисмени и управители на фирми. Во периодот од 2023 до 22025 година тие вршеле даночни затајувања и измами, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во претресот извршен на 16 локации низ државата, обезбеден е доказен материјал.

Првоосомничен е српскиот државјанин, кој е и сопственик и управител на две фирми.

„Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија“, наведено е во соопштението од ОЈО ГОКК.
Конкретно, преку прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночните службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари (188,5 илјади евра). Другите, пак, осомничени сопственици и управители на фирми со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица. Со тоа буџетот е оштетен за 31.175.168 денари (507 илјади евра). Дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање средства, а со цел прикривање на потеклото на парите стекнати со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари (1,5 милиони евра).

Во соопштението уште се наведува: „Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари“. Или, тоа е сума од 2,65 милиони евра.

При извршените претреси пронајдени се и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени, посочуваат од Обвинителството.

„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ“, информираат од ОЈО ГОКК.

ИЗДВОЕНИ