Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и определи мерка притвор од 30 дена за двајца раководители од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
„Согласно решението на судот, за осомничените С. Р. и А. С., вработени во ЈП ‘Комунална хигиена‘, мерката притвор е определена заради постење на основите од чл. 165 ст. 1, точка 2 и 3 односно Опасност да ја попречи истрагата или да влијае врз сведоци и Можност да го повтори делото“, соопштија од Кривичниот суд.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Обвинителството денеска сопшти дека осомничените заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот.
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.
Додаваат дека ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на Јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од Институт за јавно здравје.












