По четири месеци од обвинението за големата несреќа во Кочани во која загинаа 62 млади луѓе, а повеќе од 200 останаа повредени, Кривичниот суд во целост го одобри актот кој резултираше по опсежната истрага на јавното обвинителство. Тоа значи дека веќе е избран и судијата кој ќе го суди предметот и од судот најавија дека неговото име ќе се објави од следната недела. Сеуште е неизвесно дали судењето ќе се одвива во големата суднива на скопска единица. Од кривичниот суд велат дека од предметот се изземале, односно побарале да не судат, судиите Билјана Коцевска, Бранка Наумовска и Ивица Стефановски бидејќи нивни блиски роднини се адвокати на обвинети во случајот.
-Советот за оценка донесе Решение К-ООА бр.155/25 на 03.10.2025 година со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет К.бр. 1872/25, соопштуваат од Основниот суд
Со оглед на тоа што се одолговлечи оценката на обвинението и траеше речиси исто колку истрагата, од судот објаснуваат дека во предметот имало многу обвинети и адвокати и тешко било до сите да се достави обвинението.
-Но, и покрај сето тоа, судот во целост ја имаше предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и пред сè чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа, се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да го оцени актот во предвидениот законски рок, велат од судот.