Уставната судијка Елизабета Дуковска бара итно разрешување на судиите од Управниот и Вишиот управен суд кои одлучувале и ја донеле пресудата таа да се повлече од функцијата, поради, како што пишува во претставката испратена до Судскиот совет, нивното скандалозно, незаконско и непрофесионално постапување, со кое го погазиле владеењето на правото и го урнале дигнитетот на судиската функција.
Елизабета Дуковска, која не може да работи како уставен судија поради пресудата во која е оспорен нејзиниот избор во Собранието од 2023 година, денеска до Судскиот совет поднела претставка за одговорност на сите судии кои учествувале во одлучувањето. Станува збор за трите судијки од Управниот суд: Есма Алибашиќ Јонус,Тања Терзиева и Елизабета Васкова и тројката од Вишиот управен суд: Виолета Илиевска, Емрије Зубери Алити и Рина Исени. Според наводите во претставката, кои ги напишала Дуковска, шесте судијки сториле низа повреди на Законот за управни спорови и тој за судовите.
Прво постапувале по тужба која била поднесена од судијката Димовска надвор од законски предвидениот рок. Потоа, според наводите на Дуковска во претставката, без никаква расправа или известување до неа како странка, донеле пресуда од 13 страници напишана во еден ден. Повлечената уставна судијка прашува како може да дојде до извршување на пресудата, кога во правната поука не ѝ било дадено право на жалба.
Дуковска вели дека со тужбата била запозната откако Вишиот управен суд го вратил предметот на повторно одлучување. Тврди дека и покрај укажувањата од повисокиот суд, тројката од Управниот суд не докажале дали тужбата била навремена и без расправа донеле одлука. Тужбата против нејзиниот избор била претходно два пати отфрлена, за да одеднаш со невидена брзина, судиите се премислат и ја прифатат како основана.
„Управниот суд против кои го поднесувам ова барање во својата очигледна намера да донесат однапред зацртана, а можеби и нарачана, одлука, ја донеле пресудата на 15.5.2025, цели 5 дена пред истекот на рокот, кои самите го определиле, и без одржување на расправа, која според Вишиот управен суд биле должни да ја одржат и тоа со цел да се утврди со сигурност дали се исполнети процесните претпоставки за постапување по тужбата“, стои во претставката.
Дуковска бара разрешување и против тројката која одлучувала во Вишиот управен суд, кои место да ја исправат грешката тие ја префрлиле топката на одлучување кај колешките од понискиот суд. Па така, таа бара од Судскиот совет нивното, како што пишува криминално, нестручно и незаконито постапување да биде предмет на испитување и да бидат разрешени поради кршење и непочитување на законот.
„Ваквите судии треба да понесат одговорност и да бидат разрешени поради очигледно самоволие изразено со постапување по овој предмет и тоа под очигледно влијание од член на Судскиот совет, кој според натписот на Денис Прешова на социјалните мрежи, сакал да го дисциплинира и да го тестира судството и тоа врз основа на ненавремена тужба, во која се наведува дека тужителката не знаела за донесената одлука што е прифатено од пријавените судии и покрај тоа што знаела и не го почитувала рокот за поднесување на тужбата. Изборот на судија беше јавен на собранискиот канал на МТВ, а дополнително тогаш функцијата пратеник ја извршуваше нејзината сестра Снежана Калевска-Ванчева, па невозможно е да не ја известила за изборот, дополнително што одлуката била објавена и во службен весник“, стои во претставката на Дуковска испратена до Судскиот совет, а со која бара разрешување на судијките од двата суда.
Минатата недела Управниот суд донесе пресуда по тужба на судијката Антоанета Димовска, која ѝ била противкандидат на Дуковска при изборот за уставен судија. Тужбата, во која се оспорувал начинот на избор во Судскиот совет, била поднесена пред две години, а се донесе непосредно пред седницата за Законот за јазиците по кој предмет работеше токму Дуковска. Со нејзиното повлекување се одложи и законот на неодредено време. (П.А.)