четврток, јануари 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Одлуката за генерален штрајк е донесена, само се чека да се притисне...

Одлуката за генерален штрајк е донесена, само се чека да се притисне копчето

Синдикатите ги отфрлија тврдењата за политички мотиви за протестот, за нив единствена причина се растот на платите на работниците, намалувањето на сиромаштијата и задржувањето на куповната моќ. Сепак, дел од политичките партии го искористија моментот да ги етикетираат, бидејќи зголемувањето на платите било дел и од нивната политичка агенда. Имено, опозицискиот СДСМ најави поднесување законски решенија за зголемување на платите на работниците и за замрзнување на платите на функционерите. Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека протетот има политичка заднина и оти ССМ само глуми дека се грижи за работниците

256

Не стивнуваат реакциите од протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија на кој беше искажано незадоволство поради неисполнување на барањата за зголемување на платите. На протетот, ССМ ѝ даде ултиматум на Владата: до петок измените на Законот за плати да се најдат пред пратениците во Собранието, а до крајот на идната недела да се изгласа зголемување на минималната плата. Доколку не се случи тоа, ќе продолжат со блокади на улиците, институциите и со генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор. Одлуката за генерален штрајк, како што велат, е донесена, само треба да се притисне копчето.

Синдикатите ги отфрлија тврдењата за политички мотиви на протестот, за нив единствена причина се растот на платите на работниците, намалувањето на сиромаштијата и задржувањето на куповната моќ. Сепак, дел од политичките партии го искористија моментот да ги етикетираат, бидејќи зголемувањето на платите било дел и од нивната политичка агенда. Имено, опозицискиот СДСМ најави поднесување законски решенија за зголемување на платите на работниците и за замрзнување на платите на функционерите. Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека протестот има политичка заднина и оти ССМ само глуми дека се грижи за работниците.

За работодавците, пак, платата не е работа на желби, туку на економски критеруми кај кои нема зголемување за износ на кој ќе се темели барањето за минимална плата од 36 илјади денари. Износот од 57 проценти на минималната плата кај нас во однос на просечната е највисока заштита што ја има кој било работник во Европа, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Димитров потсетува дека кај нас со закон е предвидено дека минималната плата не може да биде под 57 проценти од просечната плата, што, посочува, е повисок износ во однос на Европската Унија, каде што е околу 50 проценти. Според него, износот од 36 илјади денери што се бара не се заснова на ниту еден економски критериум.

Тој наведува и дека сите што имаат просечна плата под 36.000 денари, а тоа се речиси 100.000 вработени во државата, ќе се најдат во многу незгодна ситуација, затоа што ќе треба сите – од првиот до последниот работник да имаат иста минимална плата.

Во осврт кон протестот на ССМ за зголемување на минималната плата и на другите плати, гувернерот нагласува дека е важно решенијата за растот на платите да се темелат на постојните законски рамки и на економски одржливи критериуми.

Според гувернерот, социјалниот дијалог за платите треба да се води врз основа на објективни и мерливи показатели, а не врз основа на анкетни изјаснувања. Како клучни критериуми тој ги наведува зачувувањето на куповната моќ на работниците преку усогласување со инфлацијата и учеството на трудот во економскиот раст преку зголемена продуктивност.

Притоа, Славески појаснува дека корекцијата на платите треба да ја земе предвид и претходната инфлација за да се надомести евентуалното намалување на куповната моќ, како и очекуваната инфлација, согласно со прогнозите на релевантните домашни и меѓународни институции, со можност за дополнување со растот на продуктивноста на трудот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пак, на протестот го изрази незадоволството од игнорантскиот однос на власта за прашањето за зголемување на платите и рече дека ќе поднесат закон да се намалат функционерските плати, а да се зголемат работничките.

– Една година пратениците одбиваат да донесат закон за зголемување на минималната плата. Многу лесно се паѓа од фотелја на работничко столче. Ако до крајот на неделава не изгласате закон за раст на минималната плата, ќе бидеме пожестоки. Ако вие не ги корегирате нашите плати, ние ќе дојдеме по вашите. Ќе побараме намалување за 80 проценти. А ви следува ново зголемување за 10 проценти. Вие ќе си ги зголемите платите за 200 евра, а работникот, кој ве гласал, ќе го оставите без основни средства за живејачка – рече Трендафилов.

Тој рече дека ако Владата повторно нема слух за решавање на прашањето, ќе соберат 10.000 потписи, ќе станат овластен предлагач на закони и ќе бараат намалување на функционерските плати, а да се зголеми минамалната плата.

Според аналитичарите, протестот е апсолутно право на работниците и тука нема никаква дилема. Сметаат дека главен мотив тука не е полтиката, туку револтот на граѓаните кон политиката што ни сервира една лажна слика дека добро се живее во Македонија.

– Протестот на синдикатите е, секако, исправен и кореспондира со барањата на работниците да имаат примања со кои ќе може да ги покријат своите трошоци. Протестот е дополнително издржан поради високите примања на политичарите, кои се луксузираат. Работниците се револтирани кога гледаат дека се вози еден градоначалник во автомобил од 100.000 евра, кога носи премиерот часовник од 7.000 евра, кога крие судија 350.000 евра во ѕид, а нивнатата минимална плата е 24.000 денари. Борбата за права е, секако, исправна кога Владата дозволува вештачки да растат цените и не го штити стандардот. И тука нема политика – изјави Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Но, од друга страна, како што вели, држи вода и тврдењето на работодавците дека минималната плата не е 24.000 денари, туку 36.000 денари (бруто) и дека зголемувањето на таа плата на нивото што го бараат синдикатите ќе доведе до тоа да згаснат многу бизниси и многу работници да бидат отпуштени.

Сепак, според ССМ, има многу аргументи за зголемување на платите, тргнувајќи од инфлацијата, сè до растот на вредноста на минималната синдикална кошничка во јануари, за илјада денари.

– Нас не нè собра политиката, туку празните фрижидери, синдикалната кошница од 65.000 денари што не може да си ја дозволиме. Слушнав дека поради мене не се зголемиле платите во јавниот сектор за 40 проценти. По една година преговарање, не ви личи да кажувате такво нешто. Ако требаше, 100 договори ќе потпишевме, само да има заголемување на платите. Ова се наши пари. Им порачувам на овие одзади: настрана рацете од работниците и од синдикатите – рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Од Синдикатот порачаа дека протестот е само почеток на борбата за повисоки плати или почеток на крајот на мизерните плати на работниците.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ