По пораките од регионот дека Европската Унија не ги прифатила барањата на транспортерите и дека се можни нови блокади, расте притисокот врз институциите во Македонија за итно решение. Од ЛДП и од Стопанската комора предупредуваат дека секое одложување носи директни финансиски загуби, додека Министерството за транспорт уверува дека продолжува дијалогот со Европската комисија
Кризата со престојот на превозниците во Шенген-зоната повторно се заострува откако претставник на Здружението „Меѓународен транспорт“, кое ги води разговорите со Европската Унија, соопшти дека Унијата не прифатила ниту едно од доставените барања и дека се можни нови блокади. Портпаролот на Либералнодемократската партија, Љубен Аврамовски, изјави дека додека домашните власти уверуваат за брзо решение, од Брисел пристигнуваат спротивни сигнали. Тој потсети и на изјавата на босанскиот министер за транспорт, Един Форто, дека засега нема решение и дека ќе се формира дополнителна работна група.
– Повторно нагласуваме: одложувањето на проблемот до септември не значи никакво решение, ниту одлична вест. Секој изминат ден за превозниците значи загубено време и губење на заработката. Упатуваме апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман во врска со надминување на моменталната криза со транспортерите. Возачите на камиони мора да бидат сметани за професионалци, а не за туристички патници – вели Аврамовски.
Од Министерството за транспорт апелираат да не се потпаѓа на шпекулации, кои можат да му наштетат на дијалогот со Европската комисија и информираат дека е најавено одложување на примената на системот за влез и излез (ЕЕС). Според Министерството, во координација со Европската комисија, се работи на изнаоѓање трајно решение за престојот на превозниците во Шенген-зоната, додека транспортниот сектор и натаму се соочува со неизвесност и финансиски загуби.
Поддршка за транспортерите изрази и Стопанската комора на Македонија. Нејзиниот претседател, Бранко Азески, порача дека бизнис-секторот ќе ја продолжи битката за трајно решение за престојот на превозниците во Шенген-зоната. Тој посочи дека и покрај долгогодишниот дијалог со европските институции, нема доволно слух за предлозите што биле доставени и оцени дека е некоректно со едно соопштение да се одбијат педесетина предлози што можеле да ја подобрат ситуацијата.
Азески предупреди и за поширокиот контекст на рестриктивните мерки, ограничување на квотите и на транзитот, како и долги редици камиони на граничните премини на Балканот.
– Ако некој го ограничува движењето на луѓето и на стоките, тогаш го прави најголемото злосторство. Денес е време кога електрониката и високата технологија може да ги отстранат бариерите и да му дадат простор на бизнисот – изјави Азески. (С. Бл.)












