Само што добив ОДЛИЧНИ вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како ПРОФЕСИОНАЛЦИ. Тоа е тоа што го баравме. Само што објави на Фејсбук, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
– После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем – напиша Николоски.
На ова му претходеше силен меѓународен притисок за решавање на проблемот со превозниците, а имаше и поддршка од земји од Европската Унија. Тој очекува Европската Комисија наскоро да излезе со конкретно решение на состанокот со министрите за транспорт од регионот.
– Имаме меѓународна поддршка и за доброто на целокупната економија е важно да се најде решение – истакна Николоски во одговор на пратеничко прашање.
Според него, се разгледуваат неколку алтернативи: применување на исти правила како за пилотите, кабинскиот персонал и машиновозачите, одложување на системот за една година додека се бара решение, издавање работни визи од страна на секоја земја-членка на Шенген зоната, како што тоа го прави Швајцарија, или четврто решение што Европската Комисија би го понудила.
Николоски предупреди дека немање решение ќе биде сериозен удар врз транспортните компании, со оглед на тоа што тие работат просечно 240 до 250 дена во годината. Тој додаде дека ова ќе влијае и на извозот во Велика Британија, втор трговски партнер на земјата, со можност за прекин или значително намалување на ланецот на снабдување.
– Цела година реагираме за ова прашање. Претседателот на Владата имаше директни разговори со претседателката на Европската Комисија, а јас лично разговарав со Комесарот за транспорт и Директорката за транспорт и мобилност во Брисел. Вчера бев во Загреб, каде што потпретседателот на хрватската Влада ја поддржа нашата иницијатива и побара Европската Комисија да го реши проблемот. Исто така разговарав со грчкиот министер за транспорт и со бугарските власти – нагласи Николоски.
(С.Бл.)












