Познато е дека за згради за колективно домување е згодно да се предвиди оџак кој би требало да овозможи користење на ќумбе во случај на одредена (подолготрајна) хаварија во електричната или во мрежата на топлификација. Инвеститорите на новите згради велат дека во нашата земја не постојат нормативи за проектирање кои му наложуваат на инвеститорот да изгради згради со димни канали.

Професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, за весникот ВЕЧЕР вели дека потребата од изградба на оџаци произлегува од кризни ситуации, како што се војни, земјотреси, поплави, кога снабдувањето со енергија на друг начин е оневозможено. Тој смета дека би било пожелно во една просторија во станот да постои алтернатива за загревање на просторот во критични ситуации

Многумина купувачи на нови станови се ставени во дилема дали станбеното прашање да си го решат во зграда во која нема изградено оџаци и нема радијатори за приклучок на централната топлификациска мрежа. Бидејќи, единствена опција за затоплување на станот би им биле клима-уреди или панели (радијатори) на сопствено греење. Со ваков проблем се соочуваат или ќе се соочат купувачите на половина од новите станови во Скопје.

– Се соочив со проблем за кој не знам дали има пропишано одредени стандарди и нормативи при проектирањето на објекти за колективно домување. Mе интересира дали воопшто постои некаков пропис во Македонија, кој наложува да се предвиди и да се изведе оџак во станбена зграда? Дали „мора” да го има, или, дали тоа е оставено само на волја на проектантите, односно изведувачите – прашува Снежана Петровска од Скопје, која ни посочи дека при купување на станот забележала дека единствена опција за греење ќе ѝ бидат панели на сопствено греење на струја.

Таа сепак се одлучила да го купи станот бидејќи, како што вели „цената била поволна”.

Токму фактот дека цената на станбениот квадрат ги продава становите, е водилката на инвеститорите да нарачуваат згради што ќе бидат проектирани без оџаци и можност за централно греење. Од една градежна фирма, за весникот ВЕЧЕР велат дека е неисплатливо во новите згради да поставуваат радијатори за централно греење.

– Не само што ја поскапуваат градбата со поставување систем во целата зграда, туку и секоја зграда не е блиску до приклучок до градската топловодна мрежа, па потребни се дозволи и прекопувања, што исто така е трошок и ја зголемува цената на градењето. Подоцна, може да се јави проблем ако идните сопственици на становите не сакаат да се приклучат на централното греење, а инвеститорот во фазата на проектирање и на градба не може да го знае тоа. Затоа, ние, инвеститорите сме во сериозна дилема, особено кога станува збор за изградба на згради во централното и во поширокото градско подрачје – дали да поставуваме радијатори за централно греење или, пак, радијатори за сопствено греење – велат од градежната фирма.

Од факултетските предавања е познато дека за згради за колективно домување е згодно да се предвиди оџак, кој би требало да овозможи користење на ќумбе во случај на одредена (подолготрајна) хаварија во електричната или мрежата на топлификација. Професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, вели дека во нашата земја не постојат нормативи за проектирање кои му наложуваат на инвеститорот да изгради згради со димни канали. Сепак, смета дека би било пожелно во една просторија во станот да постои алтернатива за загревање на просторот во критични ситуации.

– Потребата од изградба на оџаци произлегува од кризни ситуации, како што се војни, земјотреси, поплави, кога снабдувањето со енергија на друг начин е оневозможено. Тоа ќе овозможи луѓето во тој период да се снајдат и на некаков начин да ги затоплат своите простории. Се разбира, таквата употреба во нормални услови не треба да биде дозволена заради ефектот врз загадувањето на воздухот. Според мене, би било пожелно во една соба во станот, сепак, да постои алтернатива за загревање на просторот во критични ситуации – вели Марковски за весникот ВЕЧЕР.

Градежниците велат дека згради со оџаци се проектираат само во градовите во внатрешноста и на периферијата на Скопје.

За разлика од кај нас, каде што поставувањето оџаци е оставено на волја на инвеститорите, во соседна Србија тоа е уредено со закон. Таму не се поставува прашање дали во зградата има или нема оџаци, туку не се дозволува да биде изградена бидејќи инвеститорот нема да добие дозвола за градба ако оџаците не се предвидени во проектот.

Што се однесува до поставувањето топловодни линии и радијатори во новите станови, ставот на Регулаторната комисија за енергетика е дека државата мора законски да го реши проблемот за да нема нови згради кои не се приклучени на парното бидејќи други решенија за греење во Скопје се многу поскапи. Веќе неколку години, од РКЕ инсистираат проблемот на неприклучените згради на парно да се реши преку законски измени на Законот за градење.

Професорот Марковски смета дека приклучокот на топловодното греење не е само желба, туку треба да е императив за сите нови објекти, затоа што тоа е еден начин за намалување на загадувањето на градот.

– Штета е што се пропуштени 30-ина години, каде што приклучувањето на новите објекти на топловодната мрежа, практично, стана реткост. Оттаму, се зголеми потрошувачката на електрична енергија, искористеноста на оние што ја произведуваат и дистрибуираат топлата вода стана помала, со тоа, претпоставувам и цената на парното греење е зголемена. Ова е особено важно да се развие во оние населби каде што греењето е на дрва или на некои слични горива кои се едни од најголемите загадувачи на воздухот во градот. Мислам дека тоа треба да биде основна стратегија на градот Скопје во наредниот период – развој, развивање и проширување на топловодната мрежа – вели Марковски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ