Уставниот суд не може да донесе посебен извештај за Предлог за закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка туку само за закон кој е дел од првниот поредок. Ова е суштината на дописот кој денеска претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски го испрати до независни советници од повеќе граѓански организации со кои им одговори на повеќе прашања. Тие се однесуваа на носењето на нова законска регулатива за учество на независните кандидати на локални избори а која се заострува со новопредложените решенија кои чекаат наусвојување во македонското Собрание.
Во дописот се наведува дека неспорно е дека согласно со член 13 и 91 од Актот на Судот, Уставниот суд го следи остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот.
-По свое наоѓање, може да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита и ќе го достави до надлежниот орган односно врз основа на претходно добиени податоци и известувања, Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот – се потенцира во одговорот на Костадиновски. (Б.Ѓ.)