Оддалечени се само 70 километри, а Новата година ја слават со разлика од 25 часа

61

Додека повеќето луѓе ја слават Новата година еднаш, има и такви што ја слават двапати. Причината за ова не е патување низ времето, туку невидлива линија што ги сече океаните и одредува кога започнува новиот календарски ден.

Светот е поделен на 24 главни временски зони, но нивните граници не се правилни. Тие се виткаат и се приспособуваат на земјите и на регионите, а клучна улога во оваа поделба игра меѓународната датумска линија, имагинарна граница што го означува почетокот на новиот ден и се протега од исток кон запад.

Одговорот на прашањето кој прв ја дочекува Новата година води до Кирибати, мала островска нација со население од приближно 120.000 жители. Иако непозната за многумина, оваа земја има привилегија прва да влезе во новата година. Во своите населби со необични имиња како што се Банана, Лондон и Париз, огнометите и прославите започнуваат порано од кое било друго место на планетата.

Меѓународната датумска линија некогаш го преминувала Кирибати, што значело дека жителите на истата земја живееле во различни календарски денови.

За да се избегне ситуација каде што главниот град и другите населби би биле одделени со цели 24 часа, била поместена линијата за неколку илјади километри, поради што денес изгледа чудно закривено.

По Кирибати, Новата година пристигнува во Нов Зеланд, потоа во Австралија и во Азија, а потоа полека се движи кон Европа и кон Африка. Само неколку часа подоцна стигнува до Северна и Јужна Америка. Кога поголемиот дел од светот веќе живее во новата година, прославата, конечно, стигнува до последното населено место, а тоа е Американска Самоа.

Американска Самоа е територија на Соединетите Американски Држави, а особено е интересно што е оддалечена само 70 километри, од другата страна на Меѓународната датумска линија се наоѓа независната држава Самоа. Иако речиси „на дофат“, постои временска разлика од дури 25 часа меѓу нив.

Затоа некои луѓе ја користат ретката можност прво да ја прослават Новата година во Самоа, а потоа да патуваат со брод или со авион до Американска Самоа и повторно да ја прослават, практично враќајќи се еден ден назад.

Исто така, постојат места каде што Новата година доаѓа уште подоцна. Островите Бејкер и Хауланд, исто така територии на САД, ја прославуваат еден час по Американска Самоа. Сепак, бидејќи се ненаселени, единствени „славеници“ таму се птиците.

ИЗДВОЕНИ