Првата шанса за да го обезбеди учеството на четвртото Европско првенство во низа машката сениорска репрезентација на Македонија не ја искористи на гостувањето во Атина. Во претпоследното коло од евро-квалификациите „црвено -жолтите“ загубија од Грците со 3:0 (25:18, 25:15, 27:25).
Македонските репрезентативци беа оптимисти и се надеваа дека ќе успејат да приредат изненадување на гостински терен, со кое порано ќе го потврдат своето место на континенталниот собир, но противникот не дозволи такво нешто. Грција веќе го завери евро-билетот, додека Македонија во последното коло, в недела, кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ја пречекува Грузија потребно е да запише максимална победа за да влезе во друштво на петте најдобропласирани втори екипи и така да патува на ЕвроВолеј 2026.
Македонија вечерва имаше одлично отворање во првиот сет и од негатива 2:0 се серија од 0:5 направи пресврт за 2:5 и ги принуди Грците да бараат минута одмор. Во продолжението од играта париравме до средината на сетот, 11:11, 15:13, но домаќинот наметна свое темпо, стигна до највисока разлика од шест поени 20:14 и рутински го сведе сетот кон крај, за 25:18 и водство од 1:0.
Слична беше сликата и во вториот сет. Македонските репрезентативци имаа одговор за играта на ривалот се до средината на сетот (13:10) а потоа го загубивме ритамот и со 25:15, Грција поведе со 2:0.
Најголема шанса да стигнеме до толку посакуваниот сет имавме во третиот период. Македонија имаше највисока предност од плус пет во неколку наврати (5:10, 7:12) Грција изедначи на 14:14 и до крајот на сетот беше игра на нерви. Нашите одбојкари први дојдоа до сет топка 23:24, а имаа и уште една шанса на 24:25, но не ги искористивме и следуваше казна, за 27:25 и конечни 3:0 за Грција.
Никола Ѓоргиев со 13 поени беше најефикасен, Филип Савовски постигна седум поени, додека Филип Маџунков и Александар Љафтов реализираа по шест поени.
Репрезентацијата утре се враќа во Скопје, додека в недела, 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје против Грузија со максимална победа ќе се обиде да го завери учеството на Европското првенство следната година.