Македонската машка клупска одбојка ќе има претставник во европските клупски купови и во Новата година, со оглед на тоа дека Штип УГД запиша историски триумф од максимални 3:0 (25:18, 25:23, 25:16) против норвешки Кол Ил и преку „златен сет“, кој го доби со убедливи 15:8, обезбеди опстанок во Челинџ купот.
Македонскиот претставник во салата „25 Мај“ во Радовиш одигра натпревар како по ноти, во кој беспрекорно функционираа сите елементи. Дисциплинираната игра овозможи Штип УГД да ја анулира негативата од 3:1 што ја имаше од првиот меч во Осло и по само 80-тина минути игра да стигне до максимална победа и „златен сет”.
Во клучниот сет Штип УГД влезе еуфорично и фуриозно со 4:0 и 6:1 веднаш давајќи до знаење дека нема ништо да остави на случајност. Македонскиот репрезентативец Стојан Илиев беше најефикасен со 22 поени.
Следен предизвик за Штип УГД во главната рунда од Челинџ купот ќе биде италијанскиот тим Милано, со кој двомечот се игра во јануари 2026 година.











