Одбојкарската репрезентација на Македонија, како една од петте второпласирани селекции, избори пласман на Европското првенство наредната година. Во последното коло, нашата селекција покажа класа над Грузија, совладувајќи ја со убедливи 3-0 во сетови (25:13, 25:16, 25:17) и со овој триумф го трасиравме патот кон ново Европско првенство, четврто во историјата.

Селекторот на Македонија, Јошко Миленкоски, е задоволен од прикажаното на своите избраници.

  • Пласманот на Европското првенство е награда за напорната работа во текот на долгото жешко лето. Бевме под притисок да ја победиме Грузија убедливо без изгубен сет. Таа не е воопшто лесен противник, тоа го покажа во третиот сет. Задоволство е што ја исполнивме целта. Ова е голем ден за македонската одбојка, изјави Миленкоски.

Овој успех на одбојкарите ќе биде награден и од Министерството за спорт. Тоа го потврди и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој го следеше натпреварот на македонската репрезентација против Грузија, и по победата им честиташе на нашите одбојкари и ги награди со солидна премија од три милиони денари.

  • Ви благодариме за сè што правите за Македонија, некои подолго, некои сега почнуваат. Ние како министерство секогаш ќе стоиме зад успешни федерации, зад успешни приказни во спортот. Во разговор со претседателот на Федерацијата, на негов предлог, одлучивме да добиете премија од три милиони денари од државата за пласман на Европското првенство, им соопшти Ристовски на одбојкарите.

Македонија на Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во Бугарија, Финска, Италија и Романија, оди како една од петте најдобри второпласирани селекции во квалификациите.

ИЗДВОЕНИ