Околу 6.700 пешадијци, 98 авиони, 31 хеликоптер, 315 возила и војници од Украина ќе учествуваат на традиционалната воена парада, која денес се одржува во Париз по повод 14 јули – Националниот празник на Република Франција – Денот на Бастилја.
На планираната парада ќе учествуваат контингенти од сите 37 земји-членки на Коалицијата на волјата со 500 војници, како и војници од Украина – 25 од нив, пишува Фигаро. Коалицијата, иницирана од Франција и Велика Британија и составена главно од европски земји, вети дека ќе обезбеди воена поддршка на Украина, вклучително и распоредување на војници по воспоставувањето прекин на огнот.
Аналитичарите велат дека ова е најголемиот број војници што учествуваат на парада на Шанзелизе, што е зголемување од 30 проценти во однос на минатата година, а Елисејската палата соопшти дека тоа најдобро го илустрира „вооружувањето на Франција, стратешката автономија на Франција и стратешкото будење на Европа“.
Парадата треба да ја отвори „Патрул де Франс“ – единица за демонстрирање на прецизни акробации на француските воздухопловни и вселенски сили, по што ќе следат два француски „Мираж 2000“, со украински копилоти обучени во Франција.
Ќе учествуваат и авиони од 10 европски земји, а како што објави Елисејската палата, „оваа парада треба да се смета за стратешки сигнал, или поточно порака што ја испраќа Франција, за моќни армии способни да бидат првите што ќе влезат во потенцијален конфликт“. Парадата ќе им оддаде почит на француските воени лица распоредени на источниот дел од Европа, особено во Естонија и Романија, како и на Француската морнарица, која ја слави својата 400-годишнина.
Оваа парада е 10-та парада на францускиот претседател Емануел Макрон и негова последна како шеф на вооружените сили. Се очекува илјадници луѓе да се соберат на авенијата, како и секоја година, за да ја гледаат парадата на војници, авиони и возила. Денот на Француската Република го одбележува освојувањето на Бастилја и почетокот на Француската револуција на 14 јули 1789 година.
Заземањето на Бастилја на 14 јули 1789 година го симболизира крајот на француската апсолутистичка монархија, кога револуционерите ја освоија тврдината и затворот Бастилја во Париз.
После тоа, на 26 август 1789 година, беше усвоена Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот, која подоцна ги воспостави француските национални вредности – слобода, еднаквост и братство. Франција го слави 14 јули како Ден на Републиката од 1880 година, кога официјално беше прогласен за национален празник од тогашниот Парламент на Третата Француска Република, пренесе „Танјуг“.












