ОДБЕЛЕЖУВАМЕ 82 години од загинувањето на Кочо Рацин! Проф. д-р Марко Китевски: Мојата смрт е карасмрт

478

Така пееше Кочо Рацин во „Балада за непознатиот“. Смртта на непознатиот војник кој во „војна световна“ загинал далеку од татковината и самиот не знаејќи за чиј интерес  војува, својата смрт ја нарече карасмрт: „мојата смрт е – карасмрт!“ Но карасмрт беше и смртта на самиот Рацин. Тој загина на 13 јуни 1943 година во партизанската база на планината Лопушник. Не загина дома, (пословицата вели: „Добриот јунак дома не умира“) туку како што пееше во песната „Татунчо“ таму „кај што змии пиштат /в борба искри кај што л’штат“. Загина од своите, од најблиските, во несреќен случај, како што сведочеа присутните на овој настан. Но во случајов тоа не е тема на нашето размислување. Сакаме само да укажеме на еден аспект од животот и делото на Рацин, а тоа е  неговата врска со фолклорот.

Имаме податоци дека Рацин релативно млад запишувал македонски народни умотворби. Тоа е во врска со фактот што домот на Солеви во Велес бил место каде што се негувала фолклорната традиција. Душан Недељковиќ, кој го посетил овој дом во 1925 година, сведочи дека дедото на Кочо, Коце „бил таков народен пејач и свирач без кого не можело да се замисли свадба во Велес и околината“. Истото се однесува и на таткото Апостол кој располагал со богат фонд прозни народни умотворби, а мајка му Марија ја викале „песнарија” зашто лесно испевала песни за сè што поинтересно ќе се случело. Недељковиќ, кој тогаш го посетил Велес како истражувач на градскиот епос, го запознал и Рацина и го задолжил да запише „народни преданија од својата куќа”. По два месеца, Рацин го посетил професорот Недељковиќ на факултетот во Скопје и му предал „дебел сметковен тефтер“ со најразлични народни умотворби. Овој тефтер со наслов „Епосот и илинденската традиција во Велес“ исчезнал во бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 година кога изгорела и куќата на Д. Недељковиќ.

И Кирил Пенушлиски бележејќи сведоштва на оваа тема, во април 1963 година во домот на Солеви во Велес, директно од мајката на Рацина, баба Марија, ги забележал истите податоци. „Нашата куќа беше весела куќа (ова неколкупати ми го повторуваше), а свекор ми Коце беше прочуен свирач. Одеше дури по селата и свиреше и пееше на свадбите. Баба Марија уште рекла: „И јас на млади години бев песнарија“. Рацин посебно ги сакал песните: „Татунчо“, „Роса е брала трендафил“, и „На Струга дуќан да имам“. Овие податоци за фолклорната традиција во домот на Солеви не се без значење за идниот развој на Кочо Рацин како поет. Кога станува збор за оваа активност на Рацина вреди да се спомене и сведоштвото на Г. Шоптрајанов дека тие двајцата со Рацина „се готвеле да соберат целосна збирка со македонски народни песни“.

Меѓутоа најзначајни резултати на овој план се двете збирки со ист наслов „Македонски народноослободителни песни“ што Рацин ги составил, а потоа успеал да ја редактира и да ја објави само првата во 1943 година во партизанската печатница „Гоце Делчев“ на планината Лопушник. По неговата смрт, во неговата торба била пронајдена и втората збирка, што подоцна (истата година) била објавена во истата печатница, тогаш префрлена во с. Битуше. Првата збирка содржи 20 песни: маршеви, масовни песни, авторски песни и неколку народни песни. Втората збирка содржи 11 исто такви песни. Рацин песниве не ги нарече народни зашто овде има повеќе авторски песни, маршеви, и сл. што на времето играа значајна улога, но не ги содржеа карактеристиките на народната песна. Но, Рацин не можеше македонското име да не го стави во насловот на збирките. Тоа име ја одразуваше содржината на песните што пееја за континуитетот на револуционерната борба на македонскиот народ на прагот на слободата.

Имаме податоци дека овие збирки набргу по објавувањето биле многу популарни, биле барани од борците и населението во западна Македонија, а биле користени и како наставни помагала, некогаш единствени во образовниот процес во училиштата што биле отворени на македонски јазик на слободната територија во Дебрца. За таа цел биле грижливо чувани, препишувани на рака и така умножувани.

Што се однесува до прашањето за Рацина како истражувач на македонскиот фолклор, уште поодамна професорот Кирил Пенушлиски истакна дека „Рацин бил оформен фолклорист“, дека „прилично широко го зафатил фолклорот и дека ги совладал неговите клучни проблеми“. Професорот Харалампие Поленаковиќ пишувајќи за лектирата на Кочо Рацин, за книгите што ги позајмувал од скопската и белградската народна библиотека, констатира дека Рацин ги знаел најважните збирки со македонски народни песни: Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, Киселинов, потоа списанието „Македонски преглед“ и др., но дека ги читал и важните трудови од областа на фолклористиката како што се трудовите на Зоговиќ и Кравцов за српскиот епос, трудовите на Нидерле, Арнаудов, Шафарик, Попруженко и други автори.

Кочо Рацин остави малку трудови од оваа област. Познати се една одломка од статијата „Македонската народна песна“, (која постојано се објавува со грешки, дури и во последното тритомно издание на МАНУ), како и текстовите за богомилите во кои се опфатени некои прозни народни умотворби, пред сè преданија. Статијата за македонската народна песна е пишувана со одушевување и восхит од уметничките вредности што ги содржи нашата народна песна, но ние во нејзиниот автор гледаме човек кој подлабоко ги познава нејзините специфики. Рацин зборува дека оваа песна не стигнува до разумот туку веднаш го погодува срцето зашто од него и излегла, вели дека „песната на Македонија е нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка“.

 

За силно влијание на фолклорот врз поезијата на Кочо Рацин пишуваат скоро сите истражувачи на неговата поезија. Блаже Конески во трудот „Како работел Рацин над Белите Мугри“ соопшти дека Рацин читајќи ги зборниците со македонски народни песни и посебно зборникот на браќата Миладиновци „бележел некои зборови, изрази и форми што му правеле впечаток: косопиле, ливаѓе, писок, друмје, н’тре, бендисаше, чешќе (да биде), , ал (да те најде), ката вечер, остроно сорче, и др.. Некои од овие зборови Рацин искористил во своите песни. Но и други зборови и изрази од народниот говор Рацин користел во своите стихови и тие ја претставуваат таа врска со народната поезија што најчесто се остварува низ осоцијации. Во некои случаи Рацин користи цели стихови од народните песни, некогаш за наслов како што е случајот со стихот „на Струга дуќан да имам“, кој е наслов на циклус песни, друг пат стихови од народните песни користи во своите песни, како што е „На Струга дуќан да имам, на кепенците да седам“ во седмата песна од споменатиот циклус, стихот „Ајдутин мајка не рани“, во песната „Татунчо“ итн. Во некои случаи народни умотворби, стихови или пословици користи како поднаслови или како мото во некои песни како што е пословицата „Знаетот е златен“ мото на циклусот „На Струга дуќан да имам“, стихот „Чернеј горо, чернеј сестро“ мото на циклусот „Елегии за тебе“, стихот „Билјана платно белеше“, мото на песната „Ленка“ итн.

Рацин користи мноштво зборови и изрази од народниот говор што се ретки, специфични или што на друг начин оставаат впечаток: чемрее, јабанец, карасмрт, круша горница, гранка маслинка, замаен, зачмаен, каракамен, раскапан, ’рѓосан, буѓосан, изби мемливи, рујно вино црвено, шимшир порти, ѓул трендафил, чекмеџе, сајбии и др. Освен тоа користи и други елементи од народната песна: пред сè разновидните мотиви што таа ги нуди, потоа стихот осмерец, разни стилски фигури (метафора, епитет, двоен епитет, постојан епитет, градација, звучните фигури) го користи ритамот на народната песна итн.

Рацин во своите стихови користи и други елементи од народниот живот како што се верувањата, за разни митолошки суштества, штетите што ги прави чумата, верувањето во самовилите, ги користи клетвите („Пуст да е, пуст да би останал живот кучешки“, или „Пустата мака, пуста да остане“ ) итн.

За песната „Ленка“ е доста пишувано и сите истражувачи ја истакнуваат врската со народната песна. Во оваа песна среќаваме елементи од песните: „Марика мома убава“ и „Билјана платно белеше“, а и во песната „Татунчо“ е искористен мотив од народните песни. Б. Конески сведочи дека „токму во годините кога Рацин почна да се јавува со своите македонски стихови“, песните „Марика мома убава“ и „Татунчо“ биле популарни од интерпретациите на Васил Хаџиманов преку Радио Белград. Споменавме дека куќата на Солеви била носител на фолклорната традиција во Велес, дека Рацин уште млад бележел народни умотворби. Конески смета дека е важно што „тој произлегуваше од средина во која оралната традиција уште беше жива и плодотворна“ и дека Рацин „зема за основа песни што уште се пеат и што се дури особено популарни во колективот“.

Ни се чини дека најголем ефект Кочо Рацин постигнува низ асоцијации. Со еден збор, фраза или стих од народната песна тој во нашата свест буди широки асоцијации на одредени состојби што ни се познати од народните песни, од народното творештво пошироко или од народниот живот воопшто. Стиховите „Занает златен – ’рѓоса“ или: „Пајдоса, златен ’рѓоса, нашиот чесен занает“ веднаш ни будат асоцијации на пословицата: „Занаетот е златен“ што е и мото на овој циклус. Кога ќе ги сретнеме чумата, стијата и самовилите, кај нас се будат асоцијации на сите штети и несреќи што овие негативни демони му ги прават на човекот. Стихот „Скршена гранка маслинка“ од „Утрото над нас“ веднаш буди асоцијации на песната од зборникот на браќата Миладиновци: „Повеал ветер од море, / откршил гранка маслинка, / го удри моме по грло, / моме се од сон разбуди“, која, меѓутоа и на времето била популарна. Стиховите „Ако куќа не направив, / со високи шимшир порти“ од „Татунчо“ будат асоцијации на песните во кои се споменува шимширот, но асоцира и на велешката градска куќа со високи порти, со калдрмисани дворови и улици на кои поетот го живеел своето детство. Стиховите „Ако жена не донесов, / ѓул трендафил во одаја“ веднаш нè потсетуваат на песните во кои се пее за трендафилот, но ни асоцираат и на свадбените песни во кои се пее за невестата.

Во македонското народно творештво има сосема малку песни за Балканските војни, како и за Првата светска војна. Во овие војни македонскиот народ не го воделе идеали. Тие војни му биле наметнати, се воделе на негова територија, тој бил принуден во нив да учествува не по своја желба. Тие војни му донеле само несреќи. Се случувало дури двајца или тројца браќа да бидат присилно мобилизирани во две или три војски (српска, бугарска, грчка) да војуваат еден спроти друг. Затоа македонскиот народ немал мотив да ги опева овие војни. Но и во тие малку песни што се забележани се пее за окопи („Крај Битола во окопи, млад војник лежи“) за „вода до колена” и „коски до рамена“, се пее за странски војници итн. Овие песни пеат и за бесмисленоста на оваа војна. За бесмисленоста на оваа војна пее и Рацин во песната „Балада за непознатиот“, што ја споменавме на почетокот. Тој пее за „врба проклета” што чемрее „в поле битолско“, пее за незнаен гроб под врбата, за непознат војник што лежи во гробот. Рацин пее дека оние што „умреле за татковината и за човечки правдини“ се славени и вечно живеат и го поставува прашањето за кои цели, за кои идеали, за чии интереси загинал овој војник: „А тука зошто паднав ја? / Зошто ме куршум прониза, / зошто ме земја притисна, / за кого лудо загинав?”, за да констатира: „мојата смрт е карасмрт!“ Рацин во оваа песна користи елементи од народното творештво, верувања за самовилите кои што ноќе од гробовите ги креваат мртвите и со нив играат оро што трае до пеењето на првите петли: „Немеа самовилите… Немеа-туку петлите, во селото веднаш писнаа, / самовилите в горите, с делии в раци лиснаа!“ Ете, смртта на еден странски војник Рацин, ја користи како повод за опевање на бесмисленоста на војните.

Блаже Конески во трудот „Како работел Рацин над Белите Мугри“ предупреди: „Би било погрешно ако би барале да го сведеме зборот на Рацина просто на народната песна, но влијанието од неа е основното благотворно влијание што го претрпел тој“. Во таа насока е и констатацијата на Гане Тодоровски дека „поетиката на народната песна беше претесна рамка за Рациновиот творечки раст“, но и заклучокот на Кирил Пенушлиски дека „Рацин знаел да извлече од нашата народна поетска традиција сè што таа можела да му пружи: разновидни мотиви, богати изразни средства, верс, ритмика, јазик – сето она што било одбирано и оформувано низ многу векови во животната ковачница на нашиот народ“.

Рацин успеал да се слее со својот народ и да биде „негово и уво и око и срце“ што би рекол Вапцаров. Затоа секогаш ни е близок, затоа неговите песни со задоволство ги препрочитуваме и со леснотија ги учиме напамет. Зашто во тие стихови откриваме дел од себеси.

П. С. На крајот сакам да се знае и ова: проф. д-р Стојан Ристески, истражувач од Охрид (сега покоен) при истражувањето на животот и делото на Радослав Петкоски, списанието „Луч“ и други прашања од тој период, на 29. XI. 1974 година во Суботица имал средба со Александар Цветковиќ, пред војната подбан на Вардарска Бановина, инаку човек по потекло од Битола. Во разговорот, покрај другото станало збор и за Кочо Рацин, при што А. Цветковиќ му го рекол и ова: „Рацин беше интелектуалец, иако не беше интелектуалец. Имаше здраво сфаќање. Еднаш дојде кај мене за грнчарско одобрение, а вториот пат пошироко разговаравме на актуелни теми. Не знам зошто за тоа доаѓање Рацин беше бојкотиран/осуден од Партијата. Па тој ги постави најактуелните македонски национални проблеми: јазикот, културата. Ми вели: ’Нели г. Цветковиќ сме Јужносрбијанци?’ Како да речеш: ’Не!’ ’Нели нашиот јазик се разликува од шумадискиот?’ Како ќе кажеш: ’Не!’ ’Па кога се разликуваат, зошто Шумадинците имаат: весници, списанија на својот јазик, на нивниот јазик се прикажуваат драми, зошто да не е така и кај нас? И кај нас да се учи на наш јазик…’ Знаете, јас знаев за многу комунисти во Македонија, но само двајца беа вистински: Рацин и еден од Свети Николе. Рацин без викање да живее, или долу овој или оној, туку смирено, тактички ги постави битните национални проблеми“.

(Авторот е професор и истражувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ