Одбележани три децении од геноцидот во Сребреница

162

Поминаа три децении од геноцидот извршен од српските сили во Босна и Херцеговина. На комеморацијата во меморијалниот центар Сребреница – Поточари дојдоа десетици илјади луѓе и бројни официјални лица од земјата, регионот и од светот.

Претседателката на здружението „Мајки од Сребреница“, Мунира Субашиќ, ја повика Европа да се „разбуди“ и додаде дека „наместо правда, денес во светот се буди фашизмот“, пренесува Н1.

– Никој нема право да убие нечие дете, никој нема право да силува нечија ќерка. Додека стојам тука, многу мајки во Украина и во Палестина го доживуваат она што го доживеавме ние во 1995 година – рече Субашиќ, додавајќи дека во летото 1995 година биле убиени 22 члена од нејзиното семејство, вклучувајќи ги и нејзините син и сопруг.

Вчера, во рамките на одбележувањето на годишнината во Поточари, беа погребани останките на уште седум жртви од Сребреница, кои беа пронајдени на различни локации, а најмлади меѓу нив се две момчиња, кои имале 19 години кога биле убиени.

Ова е прва комеморација откако Генералното собрание на Обединетите нации во мај 2024 година со широка поддршка ја усвои резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, со јасна осуда на негирањето на геноцидот и на величањето на извршителите.

 

ИЗДВОЕНИ