Аероклубот „Мирко Тодоровски“ на спортскиот аеродром „Логоварди“ одбележа јубилеј – 100 години авијација во Битола.
Според документација во клубот, првите летови над градот се регистрирани во 1925 година, а во 1935 година била воспоставена редовна авионска линија на релација Белград – Ниш – Скопје – Битола – Солун.
На свечена академија, што се одржа под мотото „Столетие“, се обрати претседателот на клубот, Вања Атанасов.
– Нашите клубови 30 години се без институционална поддршка за финансиска или материјална помош и затоа вљубениците во аматерското воздухопловство лично помагаат за опстојување на клубовите. Но и покрај тоа, во последниве години се забележува развој и напредок на воздухопловството. Во аероклубот „Мирко Тодоровски“ се активни четири секции, односно моделарската секција, чии членови освојуваат светски одличија, активна е падобранската секција, потоа секција за моторно летање и едриличарска секција. Иако оставени на ветрометина сепак, успеваме да го одржуваме во живот воздухопловството во Битола. Во моментов, столб на клубот е Васко Михалчев, познат воздухопловец кој 45 години е активен член на клубот, ги почитуваме сите членови, вклучувајќи ги највозрасните, Јован Свидерски и Благој Атанасов, кои имаат по 87 години, како и најмладата членка – Марија Котевска, која има 17 години – нагласи Атанасов.
На свечената академија се обратија и амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер, членот на клубот, Игор Божиновски, и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
– Почитуваме сѐ што ентузијастите направиле за аероклубот „Мирко Тодоровски“. Општина Битола издвојува многу средства за спортот, а во наредниот период, локалната самоуправа ќе поддржи и ќе додели 10 стипендии за целосна обука на ученици кои сакаат да летаат со едрилица, посочи Коњановски.
На свеченоста на спортскиот аеродром во Логварди крај Битола беше отворена изложба, спомен-плоча поставена на ѕид на славни воздухопловци, а имаше и надлетувања што ги следеа битолчани, како и гости претставници на Агенција за цивилно воздухопловсто, Контрола на летање, клубови од Куманово, Штип, Скопје и од Прилеп.