Скопјани од подалечните делови на градот ќе добијат оптимален превоз до центарот на градот само ако се направи оптимизација на автобусите од градскиот сообраќај со градскиот воз кој во прво време ќе сообраќа по пругата од Зелениково до централната Железничка станица. Работите на реконструкција на пругата се веќе започнати од Драчево и според пресметките на директорот на ЈП „МЖ-Инфраструктура“, Синиша Ивановски од Зелениково, со сите застанувања на седум попатни станици до центарот на Скопје ќе се стигнува за 25 минути, а од Драчево за 11 минути.

– Мора да се направи и синхронизација со градските автобуси, кои потоа патниците би ги прифаќале и би ги развозувале до други дестинации низ градот – рече Ивановски на увидот на работите на пругата заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Тој најави и дека следната година ќе се обновува железничката врска од Волково до Железничката станица, а потоа и онаа до Илинден и Миладиновци. Тој го истакна и значењето на друга пруга, онаа од Драчево до Илинден, која е важна за товарниот железнички превоз.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека овој важен инфраструктурен проекти за скопјани за само половина година ќе биде целосно функционален.

– Градскиот воз претставува нова, современа и еколошка алтернатива за движење низ метрополата. Ова ќе значи и почист воздух, емисијата на штетни гасови ќе се намали што позитивно ќе се одрази на животната средина и здравјето на сите нас.  Како Град Скопје, силно и логистички сме вклучени во реализацијата на овој проект. Ќе се воспостави синхронизација на возниот ред меѓу автобусите и возовите, со што патниците ќе добијат непречен, поврзан и ефикасен транспорт низ сите делови на градот.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека градскиот воз малку ќе ја растерети гужвата низ градот, но поважно е што ќе се намали емисијата на штетни честички во воздухот и ќе има и други позитивн и еколошки ефекти.

– Кога станува збор за квалитетот на воздухот, рековме дека чуда се невозможни, треба време бидејќи ништо не е правено, но ова е еден од тие проекти коишто контрибуира. Многу сум среќен и тоа што конечно го отпочнуваме БРТ системот, но треба да видиме малку околу проектот како сето тоа ќе биде замислено, бидејќи ќе треба да се прави цел нов мост преку реката Вардар за да може сето тоа јасно да се изнесе. Кога ќе ги заокружиме сите овие проекти сигурен сум дека ќе имаат позитивно влијание врз животната средина и ќе го намалат загадувањето во текот на целата година, бидејќи автомобилите се возат во текот на целата година и емитуваат честички коишто влијаат негативно врз квалитетот на воздухот, тоа е многу важно барем тој сегмент, а во останатиот дел имаме тековни проекти коишто ги развиваме – нагласи Мицкоски.

 

ИЗДВОЕНИ