Коледарската песна од рано утрово одекнуваше пред домовите, носејќи ја радосната вест за Христовото раѓање. Со насмевки на лицата и торбички префрлени преку рамо, коледарчињата внесоа празнична топлина и песна во секој дом, најавувајќи го еден од најголемите христијански празници – Божиќ.
Во мали групи, тие тропаа на вратите и со традиционални коледарски песни им посакуваа здравје, среќа и бериќет на домаќините.
За убавата вест што ја носат, домаќините ги даруваа коледарите со костени, ореви, јаболка, бонбони и по некоја паричка. Овој чин на дарување се смета за знак на благодарност, но и желба за изобилство и благосостојба во домот во годината што доаѓа.
Преку песната и посетите од куќа до куќа, коледарчињата не само што ја најавуваат радосната вест за Христовото раѓање, туку и ја чуваат живa вековната традиција, пренесувајќи ги народните обичаи од генерација на генерација.
Така, преку песна, дарување и искрени желби, се зајакнува чувството на заедништво и се негува празничниот дух што ги обединува луѓето во овие светли божиќни денови.
Фото:П.Стојановски














