Состојбата со пожарите на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, како и во селото Трубарево, е нормализирана, таму нема чадење, информираше премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју, говорејќи за последните случувања со пожарите. Тој додаде дека ќе има одговорност за сите оние што, како што нагласи, не сакаат да имаме стабилна држава и држава која напредува.

– Можам да кажам дека сум исклучително задоволен што за многу кратко време, во една координирана акција, институциите успеаја да го совладаат предизвикот – нагласи Мицкоски, повторувајќи дека состојбата е под контрола. Тој им порача на граѓаните да бидат мирни и спокојни.

Истакна дека постојат индиции кој може да биде инспиратор за сето тоа, зашто веќе има поголема група осомничени и нагласи дека институциите брзо се справиле со предизвикот.

– Веќе имаме една група од дваесетина лица која е под мониторинг и за која постои основано сомневање дека девијантно се однесувала во изминатиов период и оставам органите на прогон да си ја завршат својата работа – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека од почетокот на сезоната на пожари до денеска има приведени повеќе од 30 лица за кои постојат основани сомненија, но и докази дека учествувале во подметнување на пожари.

– Ќе се сетите од случувањата во јуни кога наеднаш во околината на Скопје на неколку локации се случија повеќе пожари, неколку лица беа приведени, за некои постоеше основано сомневање дека учествувале во подметнување, во текот на летото, исто така, и сега и во „Вардариште“ имаше акција. МВР приведе неколку лица и им одреди мерка притвор. Исто и во Трубарево и за „Дрисла“. Можеби сите овие пожари што се случуваат не се од човечки фактор, но најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор –  заклучи Мицкоски.

Според најновите индикативни мерења на квалитетот на воздухот спроведени на мерната станица во областа на Трубарево, извршени вчера од 11:00 часот до денеска, исто така, до 11:00 часот од Министерството за животна средина и просторно планирање, средните вредности на ПМ10-честичките се во дозволените граници.

– Резултатите покажуваат дека просечната концентрација на честичките изнесувала 9,8 микрограми на кубен метар, највисоката измерена вредност била 43,3 микрограми на кубен метар, а моментната на крајот од периодот, 8,2 микрограми на кубен метар. Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно со Уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух – велат од Министерството и додаваат дека ќе продолжат со редовно следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста.

За тоа дека состојбата со пожарите полека се стабилизира говорат и податоците  од Центарот за управување со кризи од каде соопштија дека до пладне, во државава имало вкупно шест пожари на отворен простор, од кои три се активни, два се под контрола и еден е изгаснат.

Сè уште се активи пожарите во селото Виниче, во местото викано Муратица во Општина Гази Баба, каде гори нискостеблеста шума, на планината Кожуф, кај село Петрово, во Општина Гевгелија, каде гори букова шума и во селото Градец кај ресторанот „Богата“  во Општина Гостивар, каде гори ниска вегетација.

Од ЦУК потврдија дека се под контрола пожарите во село Трубарево –Општина Гази Баба, каде гореше  електричен  отпад, како на депонијата „Острец“ во Општина Делчево .

Аеродромци порачуваат: Тука ни е домот, не запираме со борбата  за животна средина

Жителите на Аеродром продолжуваат со протестите против загадувањето од двете депонии – „Вардариште“ и „Дрисла“ кај мостот „Близнаци“, и кај паркот „Авионче“. Тие порачаа дека домот им е тука и дека не планираат да се селат, ниту, пак, да запрат со борбата за чиста животна средина.

Тие се гневни дека се дават во отрови, од чадот и канцерогените честички за кои велат дека не останале во еден дел, туку се рашириле низ целиот град.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, чии членови кои се организатори на протестите, се децидни дека нема да се откажат од основното човеково право на чист воздух и покрај игнорантскиот однос од институциите.

Жителите на Аеродром и околните населби велат дека веќе почнале да мирисаат на чадено месо.

– Буквално сме нападнати од смрдеа и отрови од сите страни на градот. „Вардариште“, „Дрисла“, пожари во фабрики. Некој постојано нè труе, но државата го дозволува тоа – велат аеродромци.

Тие и понатаму стојат на кажаното дека протестите ќе продолжат сè додека надлежните не започнат сериозни акции за контрола и за расчистување на депониите.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ