Иницијативата „Стоп за Вардариште“ од утре ги интензивира протестите и блокадите поради загадениот воздух од постојаното палење на некогашната депонија „Вардариште“.
Тие известуваат дека утре, освен закажаниот протест во 18:00 часот, ќе одржат и утрински протест со почеток во 7:30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.
Од иницијативата ги повикуваат работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените што евентуално ќе задоцнат на работа и ги замолуваат возачите за разбирање.
– Го преземаме овој чекор поради истекување на рокот од пет дена, кој го дадовме за започнување со исполнување на итните барања, а тоа се: воспоставување 24-часовен јавно достапен видеонадзор на депонијата „Вардариште“ и 24-часовно физичко обезбедување; итно иселување и соодветно згрижување на лицата што живеат бесправно на територијата на оваа поранешна депонија; поставување ограда околу неа; започнување процес за, конечно, затворање на „Вардариште“; откривање и казнување на потпалувачите и на организаторите на пожарите, како и ригорозни мерки против граѓаните и правните субјекти што ќе продолжат да фрлаат отпад во „Вардариште“ – информираа од граѓанската иницијатива.
Притоа, додаваат дека биле доставени барањата до претседателката на Македонија, до Владата на Македонија, до министерствата за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за социјални политики, демографија и млади, до Град Скопје и до општините Гази Баба и Аеродром, но дека досега не добиле одговор од ниту една институција.
Од „Стоп за Вардариште“ ги повикуваат сите граѓани да им се приклучат, бидејќи, како што велат, чистиот воздух е приоритет за сите нас.
Што се однесува до денешната состојба со пожарите на територијата на државата, од Центарот за управување со кризи известуваат дека до пладне имало вкупно шест пожари на отворен простор, од кои два биле активни, два под контрола и исто толку изгаснати.
Сè уште се активни пожарите на планината Добра Вода, над селото Бенче во Општина Македонски Брод, каде што горат дабова шума и папрат, како и во селата Малино и Танушевци во општините Чучер Сандево и Липково, каде што гори мешана шума. Под контрола се пожарите во селото Дабница и на местото викано Три Багреми во Општина Прилеп, каде што горат ниска вегетација и ѓубре, и на планината Кожуф во Општина Гевгелија. Изгаснати се пожарите на депонијата во Визбегово во Општина Шуто Оризари и во селата Маркова Сушица и Осинчани во Општина Студеничани.
Завршува скринингот на населението во Трубарево
Денеска завршува дводневниот лекарски скрининг на населението во Трубарево, кој го спроведе Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија.
Според првичните податоци од терен, на двата пункта, првиот ден биле прегледани вкупно 111 лица – 56 на пунктот 1 и 55 на пунктот 2.
– Пациентите се, генерално, во добра здравствена состојба, но кај 11 лица е утврдено присуство на иритација и надразнување во грлото, поради што се упатени на дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија – соопштија од Министерството за здравство.
Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење на пулсот, сатурација и процена на виталниот капацитет за да се утврди здравствената состојба на локалното население по големиот пожар во Трубарево на 13 септември, кога се запали објект за електронски отпад.
(А.П.)