Грчката Влада воведува нова задолжителна такса за патниците на бродовите што ги посетуваат грчките пристаништа. Целта на оваа мерка е да се поддржи одржливиот туризам, да се подобри локалната инфраструктура и да се подобри искуството на посетителите. Новото правило стапува на сила од утре, а износите зависат од периодот на патување.
Таксите варираат во зависност од периодот и од дестинацијата, а најскапо ќе биде пристанувањето во популарните пристаништа Миконос и Санторини.
Од утре до 30 септември, по 20 евра од гостин по пристаниште за Миконос и за Санторини и по 5 евра од гостин по пристаниште за сите други грчки пристаништа. Од 1 октомври до 31 октомври и од 1 април до 31 мај, по 12 евра од гостин по пристаниште за Миконос и за Санторини и по 3 евра од гостин по пристаниште за сите други грчки пристаништа. Од 1 ноември 2025 година до 31 март, по 4 евра од гостин по пристаниште за Миконос и за Санторини и по 1 евро од гостин по пристаниште за другите грчки пристаништа.
Овие промени се дел од стратегијата на грчките власти за регулирање на приливот на туристи и за поддршка на инфраструктурата на популарните острови, кои бележат огромен број посетители во текот на сезоната.
Се повикуваат бродските компании и туристичките оператори да ги приспособат своите патни планови и буџети во согласност со новите правила, додека патниците треба да бидат информирани за дополнителните трошоци при планирањето на патувањето во Грција.
Таксата се наплаќа само кога патникот го напушта бродот. Доколку не се симне од бродот, нема данок. Се наплаќа само еднаш по пристаниште, дури и ако се симнува патникот неколку пати во текот на денот. Во случај на ноќевање во пристаништето, таксата се плаќа само еднаш.
Патниците не може да ја платат оваа такса однапред. Таксата автоматски се наплаќа на сметката на бродот кога ќе излезе гостинот од бродот. Не е вклучена во цената на екскурзијата и се прикажува како посебна ставка на конечната фактура. Нема ослободување од плаќање – сите гости, без оглед на возраста или на попреченоста, плаќаат иста такса.
Кога станува збор за даноците за престој и за еколошките даноци во Грција, тие беа воведени порано со идеја да се насочат овие пари како евентуална помош за луѓето што загубиле имот во пожар или во поплава, но и за изградба на инфраструктура во оваа земја.
Овие такси се зголемени и кога станува збор за хотелите – од две до 10 евра дневно, по една сместувачка единица, за соба, и тоа зависи од категоријата на хотелот. За најскапите хотели, со пет ѕвездички, оваа такса е 10 евра дневно за целата соба, а не од лице. За 10-дневен престој, таа е 100 евра. Исто е и во хотелите со три ѕвездички, каде што дневниот данок е до четири евра. Кога станува збор за становите, тоа е вообичаениот данок за домување и за заштита на животната средина, кој до минатата година изнесуваше по 50 центи од стан, на ден.