Лепово е рид во Неготино и е на надморска височина од 212 метри. Се наоѓа во близина на месноста Бунар, како и во близина на напуштената месност Кукуричани. Кога од Неготино по тесниот пат ќе навлезете во Лепово, ви се отвора пејзаж од непрегледни плантажи со лозови насади. Оваа убавина може да се види само ако сте патник намерник, кој сака да види на самото место каде расте најубавото грозје од кое се прават вината со врвен квалитет кои освојуваат бројни награди и се наши амбасадори во светот.
Овде, во Лепово, свои лозови насади има винарницата „Тиквеш“, која годинава слави 140-годишен јубилеј организирано производство на вино и жестоки пијалаци. Во чест на јубилејот, компанијата организираше гроздобер за претставниците на медиумите, во органски сертифицираните лозови насади на поседот Лепово. Тие имаа можност лично да учествуваат во бербата на грозјето „каберне совињон“, да се запознаат со современите агротехнички практики и да дегустираат вина од ексклузивната серија „Домен Лепово“, создадена со специфични енолошки методи кои придонесуваат за нивниот препознатлив карактер и врвен квалитет.
Како што ни објаснија нашите домаќини, во Лепово владее вообичаената медитеранска клима со долги топли лета и благи зими намалена за некој Целзиусов степен поради постојаниот освежителен ветрец, кој доаѓа од север, по должината на реката Вардар и го прави уникатен овој тероар.
Винарницата „Тиквеш“ во изминатите две децении има инвестирано преку 45 милиони евра во целосна модернизација, дигитализација производствените процеси, и во професионалниот развој на вработените и ангажман на врвни домашни и странски експерти, сè со цел создавање вина со врвен квалитет. Нашите домаќини посочија дека винарницата воведе нов пристап и современи практики во лозјата и воспостави партнерски односи со лозарите, а овие процеси овозможија во изминатите две децении, винарската визба „Тиквеш“ да доживее целосна трансформација и модернизација.
Паралелно се одвиваше и премиумизација на винското портфолио, преку создавање вина со современ стил и автентичност кои освојуваат рекорден број награди и највисоки оценки за квалитет од најпознати светски вински познавачи и авторитети од рангот на Роберт Паркер. Со отворањето на бутик-винарницата „Домен Лепово“, која го трасираше патот на производството на премиум вина од специфични микролокации, како и стратешката аквизиција на француската винарница „Château de Gourdon“, „Тиквеш“ го потврди интернационалниот карактер на трговското име и дополнително ја зголеми својата препознатливост и кредибилитет во глобални рамки.
Ваквите инвестиции и стратешки одлуки, реализирани во изминатите две децении, му овозможија на „Тиквеш“ да заземе лидерска позиција во винската индустрија во регионот и да прерасне во еден од најсовремените и најиновативни глобални вински трговски марки. Денес „Тиквеш“ е препознатливо име на пет континенти, со повеќе од половина од приходите кои се генерираат од извоз, кој во 2024 година достигна 32,7 милиони евра, како и со континуиран пораст на продажбата на домашниот и на најпребирливите светски пазари.
– Нашата визија за иднината е преку вложувања во обновливи извори на енергија и технологии за намалување на јаглеродниот отпечаток, воведување практики и дигитални решенија за прецизно лозарство, органско производство и заштитени географски ознаки, да бидеме двигател на промените, зелената трансформација и одржливиот развој на винската индустрија во Македонија и регионот. Под слоганот „Бескрајно твој“, продолжуваме да бидеме бескрајно посветени на нашите партнери и на сите оние што уживаат во вината на „Тиквеш“ и во сите убавини на винската приказна што ја градат токму луѓето“ – истакнаа нашите домаќини.
(С. Бл.)