Од строгост до доверба – Македонија добива ветер в грб од Брисел

1515

Поволни ветришта за македонските евроинтеграции повторно доаѓаат преку претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и од еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Во честитката по повод Денот на македонската независност, Кошта порача дека Европската Унија останува посветена на нашата заедничка иднина и на европскиот пат на земјава. Оваа негова порака се надоврзува на неговите неодамнешни изјави во Софија, каде што побара земјава да добие јасни и конкретни гаранции дека нема да се соочи со нови условувања на патот кон Унијата. Со тоа, тој го отвори прашањето за потребата од поголема доверба и предвидливост во пристапниот процес, испраќајќи сигнал дека Брисел сè појасно ја препознава важноста на стабилноста и доследноста кон ветеното. Овој нов, пофлексибилен тон претставува значаен исчекор во однос на дотогашната строга реторика на европските институции и дополнително го зацврстува ставот дека Македонија треба да добие поддршка за напредок во интеграциите без нови бариери.

– По повод националниот ден на Македонија, упатувам срдечни честитки до нејзиниот народ и до властите. Европската Унија останува посветена на нашата заедничка иднина, но и на европскиот пат на Северна Македонија – наведе Кошта во објава на „Икс“.

Слична порака испрати и Кос. И таа рече дека цврсто го поддржува патот на земјава за приклучување кон Унијата.

– Цврсто го поддржувам вашиот пат за приклучување кон нашата Унија. Ние сме со вас на секој чекор од тој пат – наведе Кос во честитката.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред неколку дена, во Софија, на заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер, Росен Жељазков, го ублажи тонот во однос на тврдата позиција на Брисел дека земјава мора да ги исполни обврските договорени во 2022 година. Кошта го повтори овој став и во Софија, но додаде и дека ги разбира позициите на Скопје и оти смета дека е разумно да ѝ се дадат гаранции на Македонија дека нема да има нови барања на патот кон Европската Унија. Тој очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во земјава.

– Тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да ѝ се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што може да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите, конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа – рече Кошта.

Ваквата реторика од претседателот на Европскиот совет претставува исчекор во однос на позицијата на Брисел од неговата посета во Скопје, во мај годинава. Тогаш тој категорично ги отфрли можностите за нови договори и гаранции, беше дециден дека нема план Б и дека нема што повеќе да се договара.

Пораката дека е „разумно“ да ѝ се дадат гаранции на Македонија дека нема да има нови услови, претставува прв конкретен исчекор во насока на барањата од Скопје. Новиот тон од Брисел сугерира дека европските институции сè појасно ја препознаваат потребата од гаранции за земјава.

Жељазков, од своја страна, пак, повтори дека позицијата на Бугарија останува непроменета и дека Софија е доследна во своите ставови. Посочи дека Бугарија очекува почитување на договорот за добрососедство и вметнување на Бугарите во Уставот.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, по изјавата на Кошта, рече дека интеграцијата во Европската Унија останува врвен приоритет на надворешната политика на земјава и Владата останува на ставот дека мора да се води тој процес исклучиво според Копенхашките критериуми. Според Муцунски, евроинтегративниот процес мора да се гради во духот на европските вредности, односно со доверба, поддршка и со заемно почитување, притоа посочувајќи дека земјава веќе покажала дека е кредибилен и доверлив партнер на ЕУ.

– И покрај застојот во започнувањето на пристапните преговори, предизвикан од билатерални спорови, евроинтеграцијата останува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Македонија веќе покажа дека е кредибилен и доверлив партнер на Унијата – целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика, прва во регионот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија и држава што активно придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко. На крајот, потсетуваме дека во духот на европските вредности, довербата, поддршката и заемното почитување мора да останат темел врз кој ќе се гради евроинтегративниот процес – вели Муцунски во изјава за телевизија „Сител“.

ИЗДВОЕНИ