Новоизбраниот германски канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) треба да го потпише указот кој ќе стапи на сила на 7 мај. Станува збор за директно отфрлање на мигрантите на сите германски надворешни граници, па локалната полиција очекува значително зголемување на „криумчарењето во последен момент“.
Министерот за внатрешни работи во владата на Мерц, Александар Добриндт (ЦСУ) се очекува да го спроведе указот со издавање инструкции до германската полиција, а првите декрети ќе бидат издадени по преземањето на функцијата оваа среда. За таа цел ќе се зајакнат граничните контроли и ќе се зголеми бројот на одбивања на границата
Во изјавата за Билд, Добриндт истакнува дека илјадници федерални и државни полицајци со денови се на готовност со цел по 3.533 дена да се стави крај на политиката за отворање на границите на тогашната канцеларка Ангела Меркел.
Феникс-магазин пишува дека според податоците на германската Федерална полиција, од 16 септември 2024 година, кога беа воведени привремените контроли на внатрешните граници, до крајот на април, спречени се 33.406 неовластени влегувања во Германија.
Од нив, 21.393 лица биле одбиени или вратени директно од граница или биле уапсени при илегално преминување на границата. Меѓу нив, на 1.247 лица им е забранет повторен влез во Германија. Привремено се уапсени 835 криумчари на мигранти.