Македонија, заедно со Светска банка, ќе избере компанија која ќе воведе интелигентен транспортен систем, кој ќе ги направи транспортот и возењето по автопатот на Коридорот 10 пристоен и брз, со цел да се зголеми транзитот на странските туристи низ државата, а преку соодветна сигнализација по должина на автопатот да се известат туристите за можностите што ги нуди државата, со цел тие да останат подолг период тука.
– Она што треба да го направиме е овие луѓе што транзитираат да ги задржиме во државата подолго од едно ноќевање. Невозможно е да зборуваме за туризам, а да немаме ниту еден хотел со пет ѕвездички, затоа целта ни е да ја олесниме процедурата за изградба на нови хотели, со цел повеќе инвеститори да инвестираат и тоа по должината на коридорот… – кажа вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
– Македонија е прва во регионот што ќе им смарт автопат од граница со Србија, до граница со Грција. Во постапка, заедно со Светската банка, е изборот на компанијата што ќе воведе интелигентни транспортни системи (ИТС) кои се иновација на 21. век во делот на автопатиштата. Тие стануваат смарт автопати, а тоа е многу повеќе од само безбедно возење. Во моментот, ниту Србија го нема овој систем по Коридорот 10 од нивната страна, но се надевам дека ќе нè следат, посочи вчера вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, на панел-дискусијата во рамките на конференцијата „ Е 75 – основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.
Тој појасни дека во реално време ќе може да се следат временските услови на патот, густината на сообраќајот, а ќе може да се предвидува со која брзина се вози.
– Доколку е затворен патот, ќе има информација кој е протоколот за возење, ќе има бесплатен интернет, како и електрични полначи по целиот Коридор 10 за да имаме далеку поеколошки транспорт од оној сега. Овој, како што го нарекувам „хајтек“ автопат, ќе го имаме за брзо време. Светската банка учествува со 60 проценти грант од нивна страна – нагласи Николоски.
За да се овозможи ова, ќе се изврши и целосна рехабилитација на овој автопат од границата со Србија до границата со Грција, со што ќе се овозможи пристоен и брз транспорт токму во насока на зголемување на транзитот на странските туристи низ државата.
Во насока, пак, на нивното подолго задржување во земјата, министерот за култура, Зоран Љутков, посочи дека се собираат информации за сите локации покрај патот кои би биле атрактивни за туристите.
– Ние како Министерство за култура и туризам ќе поставиме дигитални табли кои ќе ги означуваат влезовите и излезите од градовите, содржините што ги има на автопатот, а самите општини покрај автопатот и локалните бизниси, винарии и национални установи од културата, ќе имаат поголема мотивација да вложуваат во своите бизниси бидејќи веќе имаат спроведена и добро организирана инфраструктура. Како Министерство за култура и туризам работиме и на една пообемна апликација која ќе ја промовираме на почетокот на годината, а која ќе ги обедини сите локални економии, културни настани и целиот коридор, а ќе биде промовиран пред влезот во Македонија на границата со Србија. Со „кју-ар“ код ќе може да ја отвориме апликацијата на телефонот и да ги видиме сите можности кои ги нуди автопатот Е-75 за туристите – додаде Љутков.
Николовски посочи дека по автопатот Е-75 по Коридорот 10, минатата година поминале преку 10 милиони луѓе што далеку го надминува бројот на жители во државата.
– Во првите десет месеци од годинава имаме рекордна наплата на патарините, што јасно кажува дека транзитот се зголемува и затоа тоа е коридор кој го носи најголемиот економски и бизнис-потенцијал и, секако, туристички. Силно работиме и на развој на брза пруга. Веќе се започнати подготвителни активности што многу ќе значи за туризмот. На последната седница на Владата е усвоена и одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, кој и сега е добро позициониран. Тука е и винскиот туризам и се отвораат бројни мали семејни винарии во Тиквешијата, кои сè почесто се посетуваат. Она што треба да го направиме, е овие луѓе што транзитираат да ги задржиме во државата подолго од едно ноќевање. На државата ѝ недостасуваат повеќе хотели, а урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја. Невозможно е да зборуваме за туризам, а да немаме ниту еден хотел со пет ѕвездички, затоа целта ни е да ја олесниме процедурата за изградба на нови хотели, со цел повеќе инвеститори да инвестираат и тоа по должината на Коридорот… – кажа Николоски.
Во однос на олеснување на протокот на возилата на овој коридор, тој додаде и дека една цела дистрибутивна мрежа, вклучувајќи ги и телекомите, ќе се приклучат во делот на М-таг, со што ќе се зголеми бројот на места на патарините, каде што ќе може да се поминува без застанување, а со што ќе се намали и долгото чекање.
– Имаме и договор со Грција да се прошири најголемиот граничен премин од сегашните шест ленти на 11 и на тоа веќе се работи. Од наша страна изведувачот е избран и веќе деновиве ќе се започне со работа – истакна Николоски.
Љутков, пак, во своето обраќање истакна и дека веќе се испратени и мејлови до сите локални економи по патот за да се види што е значајно за да се постави како патна сигнализација.
– Убеден сум дека секој километар од овој пат носи во себе можност за нова соработка, ново партнерство и нов развој. Секое мало место, секој локален занает, секој ресторан или кафуле што со гордост ја раскажува својата приказна се дел од една поголема слика, туристичка приказна што може да ја раскажеме надвор од границите на нашата земја. Тоа е нашата автентичност, нашата сила и нашата шанса. Замислете турист кој застанува во едно од тие места, вкусува локален специјалитет или дегустира некоја автохтона сорта вино, разговара со занаетчијата и продолжува понатаму во добро расположение. Тоа е вистинската моќ на Е-75 – да ги поврзе луѓето и да отвори нови можности – рече Љутков.
Тој додаде дека целта на настанот е да се разменат идеи, да се поттикнат партнерства и да се најде заеднички начини за Е-75 да отвори конкретни можности за локалниот развој, за нови бизниси, за културна и гастрономска размена; за да можат секоја општина, секој град и секоја локална заедница по должината на овој автопат да ја препознаат својата уникатност и да ја претворат во туристичка вредност за поврзување на локалните производители, угостители, занаетчии и институции во заедничка понуда што ќе ја прикаже нашата земја на еден нов, автентичен начин.
– Транспортот и туризмот се две страни на една монета затоа што транспортот може да ја носи економијата, но туризмот ја носи душата на едно место. А кога овие две сили ќе се здружат, тогаш се создава одржлива енергија што го движи целиот регион напред – нагласи Љутков.
(Д. Т.)












