Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за првпат се одржа заеднички состанок со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат што обезбедува побрза, поефикасна координација во функционирањето на преносниот систем.

Министерката Сања Божиновска порача дека редовна координација е неопходна бидејќи МЕПСО како еден од клучните столбови за енергетската сигурност на државата мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без одложувања.

– Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина. Само со заедничка и навремена координација, заедно со Управниот и Надзорниот одбор можат да се надминат евентуалните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа – истакна Божиновска.

На состанокот се разгледаа напредокот и тековниот статус на големите инфраструктурни проекти што се во реализација. Стана збор и за планирањето и приоритизацијата на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата. Се разговараше и за предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување за поголема ефикасност и подобра оператива.

Од следната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети. Со приклучувањето кон ЈАО, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, према границите со Србија и Бугарија, додека со останатие соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО).

– Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови – велат од МЕРМС.

ИЗДВОЕНИ