Европската централна банка (ЕЦБ) се надева дека до почетокот на следната година ќе бидат донесени сите политички одлуки потребни за започнување на издавањето на дигиталното евро.

После тоа, ќе бидат потребни уште две до три години за оваа валута да заживее и да стане достапна за корисниците, изјави членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне.

ЕЦБ со години работи на воведување на дигитална верзија на еврото, но напредокот е многу побавен од очекуваното, главно затоа што сè уште не постои законска рамка што би ѝ овозможила на ЕЦБ да преземе поконкретни чекори кон реализација на тој проект.

Финансиската нестабилност откако американскиот претседател Доналд Трамп дојде на власт во јануари оваа година дополнително ја зголеми итноста за преземање мерки, со оглед на тоа што Европа се потпира на големите американски компании за обработка на повеќето дигитални трансакции – што може да претставува сериозна ранливост на финансискиот систем, пишува Financije.hr.

„Се надевам дека сè ќе биде завршено до почетокот на следната година, и тоа многу рано… Потребно е да се донесе законска рамка, а потоа две до три години ќе бидат доволни за лансирање на дигиталното евро“, рече Чиполоне на конференција, одговарајќи на прашање за временската рамка за усвојување на потребните прописи.

За разлика од плаќањето со кредитни картички како што се Visa или Mastercard, корисниците кои би ја користеле дигиталната валута би имале директни побарувања кон централната банка на Еврозоната, а нивните средства би биле функционално и безбедно слични на готовината. Ова би им овозможило на граѓаните да плаќаат директно, и онлајн и на физички продажни места.

Чиполоне додаде дека клучната пречка е постигнувањето политички договор на сите земји-членки на ЕУ, но верува дека тоа може да се постигне „пред летото“. Сепак, законодавните процедури во Европскиот парламент би можеле да траат подолго, додаде тој. На прашањето дали Трамп и неговите потези би можеле да го забрзаат процесот на воведување на дигиталното евро, гувернерот на Централната банка на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, рече дека Трамп „ја зајакнал решителноста“ на ЕЦБ да продолжи со развојот на дигиталната валута.

Уште во јануари, Чиполоне изјави дека брзото воведување на дигиталното евро е неопходно, како одговор на промоцијата на Трамп на таканаречената валута „стабилна кованица“ – видови криптовалути кои се врзани за американскиот долар, што во теорија ги прави постабилни од класичните крипто инвестиции. ЕЦБ смета дека популарноста на ваквите средства за плаќање би можела да предизвика повлекување на пари од традиционалниот банкарски систем, што потенцијално би можело да ја загрози стабилноста на европскиот финансиски систем.

Дигиталното евро би функционирало како електронски паричник, гарантиран од ЕЦБ, но управуван од комерцијалните банки. Користењето на дигиталното евро нема да бара банкарска сметка, но износот што граѓаните би можеле да го поседуваат во дигитална форма веројатно би бил ограничен на неколку илјади евра.

ИЗДВОЕНИ