Од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн. Ова се петте нови авиолинии што ќе ги воведе авиокомпанијата „Визер“ со кој министерот за транспорт и врски, Александар Николоски го потпиша договорот.

– Потпишавме договор за пет нови дестинации до кои ќе се лета од скопскиот аеродром и кои ќе значат повеќе туристи и бизнис, но и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм- Скопје. Истиот месец почнува редовна авионска линија Мадрид- Скопје, а од декември Бари-Скопје, Келн-Скопје и исто така и Прага-Скопје. Со 11 нови линии кои што веќе ги отворивме и овие пет, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии кои ги отворивме за само една година – вели Николоски.

Во првата половина од оваа година од скопскиот и охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници што е зголемување за 5 % од скопскиот аеродром и 11 % на охридскиот аеродром.

Од „Визер“ велат дека директните линии од Меѓународниот аеродром Скопје до Стокхолм, Мадрид, Прага, Бари и Ларнака се веќе достапни за резервација на wizair.com и преку мобилната апликација WIZZ, со цени што започнуваат од само 969 денари (во еден правец, со вклучени сите задолжителни такси и една рачна торба).

– Нашата отпорност, стратешките инвестиции и неодамна одбележаниот 15-милионити патник ја потврдуваат нашата долгорочна посветеност во земјата. Веруваме дека силен авијациски сектор е од клучно значење за економскиот развој и растот на туризмот во земјата. Возбудени сме што отвораме врати за нови доживувања за нашите патници и со нетрпение очекуваме да пречекаме уште повеќе патници кои ја посетуваат Македонија. Овие нови рути исто така ја зголемуваат поврзаноста, отворајќи ги скриените богатства на Македонија за европските патници – истакна Андрас Радо, раководител на комуникации во „Визер“.

Поради воведувањето на новите авиолинии „Визер“ додава шести авион во својата база во Скопје, а целата флота ќе биде надградена со најсовремени авиони „Ербас  А321нео“ до крајот на оваа година. Овие промени ќе го зголемат капацитетот на авиокомпанијата за 60%, дополнително зацврстувајќи ја нејзината позиција како пазарен лидер во Македонија.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ